Македонија
21. May 2021 - 16:53

Парадокси од секојдневието: Девет месеци живеат без лифт чекајќи Обвинителство да заврши истрага

Возрасни, хендикепирани, болни лица од ланскиот септември не се во можност да излезат од дома бидејќи живеат на погорните катови во станбена зграда каде лифтот е надвор од функција. На 9 септември во зградата на ул. Пушкинова во Кисела Вода се случила трагедија во која настрадал работник. Тoј паднал од 6 кат во окното на лифтот каде што се движи кабината. Од тогаш лифтот е запечатен поради увид од Oбвинителството и до денешен ден не е во функција. Заедницата на станари испратиле  ургенција за предметот на 18 јануари оваа година, но се уште не било ништо преземено.

Со какви потешкотии се соочува за да излезе од дома  сведочи и 86-годишната Вера која користи помагала за движење и живее на 5 кат.

Од Обвинителството за Сител велат дека предметот е во фаза на предистражна постапка. Се уште се постапува по дел од наредените вештачења од аспект на техничката исправност на лифтот.

- Надлежниот јавен обвинител разговараше и со претставници на заедницата на станари на зградата, на кои и директно им објасни дека во овој момент лифтот се уште не може да биде пуштен во употреба, како поради истражните дејствија и проверки кои се во тек, така и од причини што не може да се гарантира безбедност на лифтот.

Од Општина Кисела Вода потврдуваат дека повеќепати станари од оваа зграда пријавувале за различни проблеми и тврдат дека општинските инспектори секогаш  излегувале и постапувале во рамки на нивните надлежности.