Свет
7. September 2024 - 8:50

Папата нагласи дека природните ресурси треба да бидат од корист на „целата заедница“

– Папата Франциск повика природните ресурси да бидат од корист на „целата заедница“ на земјите во развој од каде што се извлекуваат, а не само на меѓународните корпорации.

Поглаварот на Католичката црква (87), кој моментално е во Папуа Нова Гвинеја како дел од големото патување во Југоисточна Азија и Океанија, денеска се состана со локалните власти, претставници на граѓанското општество и дипломати во главниот град Порт Морезби.

Тој нагласи дека е „неопходно“ да се вклучат меѓународните корпорации во екстракцијата на природните ресурси.

– Сепак, единствено исправно е на потребите на локалното население да им се посвети соодветно внимание при распределбата на приходите и вработувањето работници, со цел да се подобрат нивните животни услови, рече папата Франциск.

Папуа Нова Гвинеја има огромни резерви на минерали и ресурси, вклучувајќи злато, бакар и природен гас. И покрај тоа, мнозинството од населението од околу 10 милиони живее под прагот на сиромаштија.

Кинеските и австралиските компании се особено активни во оваа пацифичка држава.

Папуа Нова Гвинеја, речиси 15,000 километри оддалечена од Рим, е втората станица на папата во неговото најдолго патување во странство од неговиот мандат досега.

Само една четвртина од населението на земјата се католици. Во рамките на посетата папата Франциск утре ќе предводи големата црковна миса на спортски стадион во Порт Морезби.

Други станици од неговото 12-дневно патување во четири земји во Југоисточна Азија и Океанија, се Источен Тимор и Сингапур. Папата го почна своето патување во Индонезија.