Македонија
1. August 2021 - 16:32

Пандемијата негативно се одрази на фолклорот

Ковид пандемијата ја загрози фолклорната дејност во Македонија, покажа истражувањето на етнологот Валентин Соклевски. Со цел да се утврди состојбата и проблемите кои ги имаа фолклорните ансамбли изминатата година, тој направи интервјуа и разговори со 27 ансамбли. Поголемиот дел фолкорни друштва мируваа, а тоа ќе доведе до дисконтинуитет.

-Немаа протокол за работа, се јави минатата година и некој страв кај сите кои работат со фолклорот дека ова може многу да делува, вели ВАЛЕНТИН СОКЛЕВСКИ, АВТОР НА ИСТРАЖУВАЊЕТО.
Иако летово со олеснувањето на мерките, фолклорните ансамбли почнаа да рабоотат, Соклевски вели дека во најкраток можен период потребно е да се донесат ургентни мерки.

-Потребно е да се донесат протоколи за работа ако пандемијата продолжи. Тие минатата година останаа без финансии, без можност да регрутираат нови членови, да гостуваат, тоа пандемијата го налагаше. Без фолклор нема ни фестивали. Наша обврска е во ваква состојба во иднина да можат да се снајдат, вели тој.

Ситуацијата е комплицирана и на глобално ниво, велат од Меѓународната асоцијација на фолклорни фестивали CIOFF, асоцијација која ги спроведува целите и програмите на УНЕСКО. Многу фолклорни групи нема да постојат повеќе после две години пандемија, вели претседателот на CIOFF.

-Тоа мора да се решава на државно ниво, за секоја држава е различна приказна. На пример во Франција, владата ги финансираше фолклорните друштва иако беа неактивни, тие нивните финансиски средства ќе си ги задржат за разлика оттука. Затоа мислам дека на национално ниво треба да се решава. Ќе инсистирам Владата да се вмеша подиректно со справување со ситуацијата. Сметаме дека е вистинско време сите влади во светот директно да се инволвираат во зачувување во нематеријалното културно наследство, бидејќи пандемијата беше предузвик за сите, но невладиниот сектор не може сам да се справи со тоа, изјави ФИЛИП БУСОН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЦИОФФ.

Направеното истражување треба да му помогне на Министерството за култура кои мерки ќе се преземат и на кој начин натаму ќе се развива фолклорната дејност во Македонија.