Македонија
15. February 2021 - 12:32

Пандемијата го зголеми бројот на читатели

77-годишната Слободанка Ристевска од Битола ковид пандемијата ја поминува полесно со читање книги, а дневно чита по 150 страници. Таа е една од највозрасните најредовни читатели за минатата година во битолската библиотека. Особено и било тешко во периодот додека не работеше библиотеката.

-Премногу лошо се чувствував, трагајќи по книги по соседите кои имаат дошани библитеки, за време кога библиотеката не работеше. Да се земе книгата „Милион капки“, да се прочита низ што човештвото поминало, ќе се види дека ако стегнеме заби може да го надминеме ова, рече Слободанка Ристевска, пензионер.

Иако три месеци не работеше, сепак минатата година зголемен е бројот на читатели, но и на изнајмени книги.

-Се радувам што во година на пандемија и секако во еден период кога не работеше библиотеката, има околу 30.000 издадени книги, одвоија дел од своето време, изнајмија голем број книги, изјави Бојан Стефановски, директо на битолската библиотека.

Најмногу книги пак минатата година -71, изнајмила Жанета Тошеска, наставник во прво одделение. Со ова ја испраќа пораката до родителите дека навиката за читање мора да се стекнува од најмали нозе.

- Бидејќи моите ученици се уште не знаат да читаат, останува на родителите да им читаат, што во последно време сум многу разочарана, затоа што со генерации не им читаат на децата, не ги знаат ни приказните со кои ние пораснавме, постојао им читам на училиште, не е само играњето и седењето на телевизор, рече Жанета Тошеска, наставник во прво одделение.

Но има родители кои од најмала возраст почнале со оваа пракса. Родителите на Никола Ицески, почнале да му читаат редовно уште од двегодишна возраст.

-На 10 дена му ги обновувам книгите, сака книги, ги знае буквите, сега е мал, не може сам да чита, вели неговата мајка, Емилија Ицоска, мајка на Никола.

Од битолската библиотека велат дека секоја година министерството за култура го зголемува буџетот за збогатување на книжниот фонд.