Македонија
25. August 2022 - 16:32

Пациенти од „Жан Митрев“ излегоа со јавна поддршка додека семејства на починати даваат искази во рамки на истрагата

Хемофилтрацијата ни го спаси животот. Против Жан Митрев се води хајка и неосновано се прикажува само едната страна, реагира група од над 20 пациенти кои преживеале Ковид во приватната клиника.

Собрани неколку од нив пред болницата, одрекуваат дека Жан Митрев на каков било начин ги организирал или им платил за да се појават во јавност и дека ова го прават исклучиво по сопствена иницијатива.

„Ситуацијата се влоши, дојдов до респиратор, до ужасна состојба. После првата ХФ за која го прашаа и татко ми и мене и која ја одобривме, после неколку саати јас се опоравив, почнав да јадам и веќе наредниот ден ме префрлија во обична соба. Кои се последиците од ХФ? За мене личнотоа што на 33 години ми го спаси животот, завршив дома да дознаам дека ќе имам син кој сега има 8 месеци”

Поголемиот дел пациентите кои денеска ја поддржаа Клиниката поминале низ хемофилтрација. Ѓорѓи од Струмица не жали за дадените 20 илјади евра за две хемофилтрации за кои вели дека му го спасиле животот.

Наводите кои покажуваат дека ова е спорен метод на лечење, за него имаат задна цел и не се вистинити. 

„Ако има нешто институциите нека ја бркаат работата, меѓутоа тоа со ХФ, тоа што вас најмногу ве интересира, мислам дека не е забранета. И никој никого не терал на сила. Беа известени и домашните и ние како пациенти дали сакате или не сакате”

Реакцијата на овие пациенти доаѓа откако Обвинителството по допрен глас оформи предмет за да испита како се лекувале пациентите од Ковид во приватната клиника.

Тие велат дека се подготвени да сведочат корист на Жан Митрев, кој се сомничи за измама на пациенти и на кого му е одземен пасошот како мерка на претпазливост.

Од понеделникот досега, над 10 семејства на пациенти кои починале за време на ковид лекувањето во “Жан Митрев” дале искази во Обвинителството, кое го сомничи докторот за тоа што со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите кои ги лекувал со методот на хемофилтрација.