Македонија
9. July 2020 - 16:27

Пациенти без контролни прегледи стравуваат од прогресија на болеста

Продолжува голготата на пациенти кои поради корона кризата не можат да отидат на контролен преглед или хируршка интервенција. Марија Стојанова од Велес која пред два месеци за Сител раскажа дека живее во страв поради циста на нервниот систем која и била дијагностицирана во февруари, сеуште чека да добие термин на скопските клиники. Оваа 44-годишна жена не знае до каде прогресирала болеста и уште колку ќе чека за да стигне до неврохирург.

-Чекам термин ама нема. Јас живеам во страв, ама се јавувам на телефон и ми велат незнаат кога бидејќи работеле ден за ден, вели Марија Стојанова од Велес.

Марија не е единствената која не може да стигне до лекарите на скопските клиники. Поради пандемијата со корона, 4 месеци без контролни прегледи се и малигно болни пациенти.

-Третата работа со која се соочивме, за жал, се уште не можеме да ја решиме, а веќе станува проблем, е одложувањето на контролните прегледи и следењето на терапијата. Овие пациенти не смеат повеќе од 3-4 месеци да бидат без котрола, вели Биба Додева претседател на здружението Борка.

Здравствените власти најавија дека во најкраток можен рок ќе најдат решение како пациенти со малигни заболувања навремено да стигнат до рендген прегледи, мамографија и ехо. Надлежните велат дека на дел од клиниките веќе почнал да функционира Мој Термин за хронично болните, во дел е потешко да се вратат во нормала поради ангажманот на лекари и сестри за инфективните одделенија.

Со корона кризата беа одложени сите интервенции освен за итни пациенти. Веќе има листи на чекање речиси за сите операции.