Пациент дури 17 пати за 6 месеци не се појавил на преглед во рамките на ,,Мој термин‘‘
Закажувал прегледи кај специјалисти но не се појавувал во болница. Пациент од внатрешноста годинава дури 17 пати го злоупотребил МојТермин. Не само што го пореметил функционирањето на здравствените установи, непотребно го трошел времето на лекарот и зафаќал место на други болни. За шест месеци 125.614 пациенти не се појавиле на најмалку еден закажан преглед.
-Неоткажувањето на термините сериозно го оптоварува здравствениот систем и е еден од најголемите фактори за вештачки голема листа на чекање. Анализата на податоците од системот МојТермин даваат јасна претстава за причините за зголемените листи на чекање. Анализата покажа дека за специјалноста ортопедија во Тетово пациентите чекаат 21 ден за преглед, а доколку се искористеле вкупно 1.215 термини на кои пациентите не се појавиле, тогаш пациентите нема да чекаат за преглед подолго од 4 дена. Тоа би било намалување на времето за чекање за преглед за повеќе од 5 пати, изјави Никола Тодоров министер за здравство.
За да ја спречи оваа појава, Тодоров најави дека тим од Мој Термин ќе ги посетува овие пациенти во нивните домови. На лице место ќе разговараат кои се проблемите и евентуалните пречки поради кои не се појавуваат на закажаните прегледи.
-Министерството за здравство ќе испрати и лично адресирани писма до пациентите кои најчесто не се појавувале на закажаните термини, со цел да им укажеме дека е незаконски и несовесно да се закажуваат термини и потоа истите да не се користат, односно ќе им укажеме дека со навременото и совесно откажување на термините ќе придонесат истите да ги искористат пациенти на кои конкретната здравствена услуга им е понеопходна, изјави Тодоров.
На ниво на јавни здравствени установи, најмногу пациенти или околу 3000 не се појавиле на закажат преглед на трансфузиологија. Околу 2000 не биле на Кардиологија а 1900 не се појавиле во Клиничката болница Тетово.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
