Македонија
10. September 2022 - 16:37

Овоштарите од Ресен бараат целосна исплата за претрпените штети

Преспанските овоштари денеска на јавен собир на плоштадот во Ресен. Беа информирани за динамиката на исплатата на надоместокот за претрпени штети врз овошните насади од невреме град и мраз. На посебната сметка на Општина Ресен уплатени се 50% од предвидените средства за надомест од претрпени штети во 2016 година. Овоштарите бараат целосно исполнување на 11 барања доставени на 16 август годинава до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Преспанските овоштари се благодарни од исплатата на 50 насто од предвидените средства за 2016 година, но и опстојување на барањето во најкус можен рок исплата на останатите 50% од 2016. Сите останати точки од последниот состанок во Министерството за земјоделие, остануваат побарувањата, изјави Љубе Пампулески, член на огранизацискиот одбор.

Велат дека воопшто не се исплатени средствата за 2017 и 2018 година, како и за 2021 година кои се во административна процедура.

-Како што бевме ние разбрани за последните 6 годни за економска криза, кроона или енергетска, не ги баравме тие средства, но сега ние го достигнавме дното. Како што ние и излеговме во пресрет на државата, очекуваме сега тие да ни излезат во пресрет, изјави Турџан Зејнеловски, овоштар од Преспа.

-Најголем дел од нашите овоштарници беа оштетени од градот, бараме дополнителна поддршка за да можеме да ги поминеме овие кризни години и да дочекаме поволна продажна година, изјави Стевче Радевски, овоштар од Преспа.

Овоштарите бараат исплата на средствата поскоро затоа што наскоро започнува бербата на јаболката, а како што велат нивните трошоци секојдневно растат. Исто така и поскоро доставување на картичките за зелена нафта, затоа што им е најпотребна во периодот кој следи.