Овчарите утре на протест пред МЗШВ, бараат средба со Николовски и Заев
Одгледувачите на овци од Македонија за утре најавуваат мирен протест пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поради, како што велат, алармантната состојба во овчарството.
Тие бараат средба со ресорниот министер Љупчо Николовски на која е добро, нагласуваат, да присуствува и премиерот Зоран Заев. Се жалат дека се дојдени на работ од егзистенција зашто секоја година се соочуваат со 2.000 – 5.000 евра загуба поради ниската цена на јагнето.
-Одлучивме да реагираме со протест за да видат дека постоиме. И претходната и оваа власт нема слух за овчарите. Сакаме уште еднаш да укажеме дека откупната цена на јагнето е пониска од производната, а минимални се и субвенциите за плодна овца и оставено женско јагне. Тоа сакаме да му го соопштиме директно на министерот Николовски, а бараме ако е можно, да присуствува и премиерот Заев, истакнува еден од одгледувачите на овци за МИА.
Овчарите досега имале неколку состаноци со Николовски на кои присуствувале и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, како и директорот на Јавното претпријатие за пасишта Љуљзим Фејзулаи. Ги искажале проблемите со кои се соочуваат, но од надлежните, кои ги ислушале, не добиле конкретен одговор.
-Имавме повеќе средби. Последната беше минатиот месец во Берово. Министерот беше присутен, беа и Бабовски и Фејзулаи. Ги сослушаа нашите барања: покачување на субвенциите за оставено женско јагне и за приплод на овца. Но, не добивме конкретен одговор. Ставот им беше неутрален. Утре, со протестот, всушност ќе упатиме молба повторно да разговараме и да најдеме заедничко решение за да го спасиме овчарството, велат сточарите.
Додаваат и дека се многу револтирани од начинот на работење на Министерството, и од ова на сегашната, но и од тоа на претходната власт.
Во врска со фондот овци во земјата, ја демантираат бројката од 700.000 – 750.000 овци која, нагласуваат, се пласира во јавноста. – Таа бројка не е точна. Во Македонија има максимум 450.000 овци. И не само што е преполовен бројот, туку постојат и фантом овци, а тоа значи дека некој зема субвенции, а нема грла, посочуваат овчарите и додаваат дека причината за тоа е немањето соодветна комуникација меѓу МЗШВ, АХВ и Платежната агенција.
Според нив, смешно е зголемувањето на субвенциите за оставено женско јагне, од 1.000 на 1.100 денари. Цената, пак, на јагнето е многу ниска, под производната, и овој проблем се провлекува со години.
-Производна цена е 165 денари за килограм жива мера, а продажна 120 – 140 денари, информираат производителите.
Утрешниот протест го поддржуваат Националното здружение на овчари, Регионалното здружение на западна Македонија, Земјоделското здружение „Агро центар“ – Велес, „Орлови бари“ – Битола и „Рудо јагне“ – Прилеп.
Овчарите за протестот денеска го информирале Министерството за земјоделство.
Ново на Сител
-

Нова номинација за македонскиот филм „Силјан“ - за продуцент/и на документарен филм, на престижните „ПГА“ награди
-

Седумдесет и девет години од основањето на УНИЦЕФ
-

Граничните премини Евзони и Ники и денеска затворени на неколку часа
-

Свечено отворен Лекторат по македонски јазик на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Словачка
-

Привeдeн нaвивaч oд Словачка, 10 лица биле вратени нaзaд поради агресивно однесување вo aвиoн
-

Најстудено утрово е во Битола, најтопло во Крушево
-

Сабаленка нема да го промени своето спортско државјанство
-

САД отфрлија некои обвиненија во случајот за корупција во ФИФА

