Македонија
19. August 2016 - 0:04

Ова е чудесна ноќ, пред Преображение се отвара небото

Со Преображение е поврзано и верувањето дека ноќта спроти празникот небото се отворало како на Богојавление, се јавувал Бог и на сите што будни ќе го пречекаат тој миг им ги исполнувал желбите.

Кон неколкуте приказни што раскажуваат за случки поврзани со тоа верување, слушани од баба му Арса Стрезова, К. Шапкарев го запишал и следново верување: „Веруваат дека на Преображење Господне или ноќта спроти 6 август, а како што велат други спроти Водици, секоја година се отворало небото и тога се поклонвеле дрвјата со врвовите до земја. Во тој момент кога ќе бидело небото отворено, шчо да посакал чоек од Бога, Господ ќе му даел. За

докажвање вервањето оти је вистинско, простијот народ прикажвит некој приказни, и ʼи вервит како сосем вистински“.
Во врска со овој празник Д. Матов забележал дека во Велес се верувало оти „ноќта спроти Преображење се јавуе на небото Божја врата, се отвора небото, сам Господ се јавуе. Кој шчо је праф човек, може да је види Божја врата и, шчо да посака, му дава Госпот, ама вратата стои малку време отворена. За това мајките им викаат на децата да не спијат и да чекајат да ја видат Божја врата. Им прикажујат и приказната за тој шчо рекол: „Дај ми, Боже еден шиник глава“, место да рече: „Дај ми Боже еден шиник пари“ - и шчо му пораснала главата колку еден шиник та не можел да си ја извре главата од пармаклʼците, дури не ѓи искршиле“.

Интересни верувања од Охрид поврзани со овој ден забележал Ефтим Спространов. Тој сведочи дека спроти празникот „Преобрʼжеʼјне се отворало небото и било светло како оган“. Спространов, исто така, ги споменува верувањата за поклонувањето на дрвјата и за исполнувањето на желбите од страна на Господ и посебно укажува на приказната за тој што наместо осмак пари посакал осмак глава и за некој човек што го врзал телето за некое дрво кое во тој миг било наведнато па утрото го нашол обесено на врвот. Е. Спространов, уште забележал дека на овој ден во Студенчишта кај Охрид се собирале штрковите пред да заминат во потоплите краишта.

„На Преобрʼжеʼјне си одет штркојте и ластојците. Кʼде Студенчишта се берет со стотини околу еден црн штрк, дури ќа поцрнит полето. Неколку дена викет, кревет ѓурултија после ќе летнит црнијот штрк и сите по него ќе летнет. Црнијот штрк како цар да им је, како војвода“.

Очигледно празникот Преображение на Господ Исус Христос има длабока смисла во животот на нашиот народ. Еден важен период од годината кога и времето се преобразува, заладува и тргнува кон есента оставало впечаток и во свеста на нашиот народ па така нашло место и во неговите верувања и во народните умотворби.

Според народното верување тогаш за прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се бањаат во реките.