Свет
3. March 2025 - 13:31

Отворено писмо на поранешните полски дисиденти до Трамп: Го испрашувате Зеленски како што ние бевме сослушувани од комунистичките судови и полицијата

Некогашниот лидер на отпорот против комунистичкиот режим и поранешен претседател на Полска, Лех Валенса и уште 36 поранешни дисиденти испратија писмо до американскиот претседател Доналд Трамп, во кое наведуваат дека се шокирани од неговото однесување кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, бидејќи не се тргува со пролеаната крв на Украинците.

– Исто така, бевме шокирани што атмосферата во Овалната соба личи на онаа што ја паметиме од сослушувањата во Службата за безбедност и судењата пред комунистичките судови.

Обвинителите и судиите, по наредба на семоќната тајна полиција, ни рекоа дека тие ги држат сите карти, а ние немаме ништо, се посочува во отвореното писмо до Трамп.

Добитникот на Нобелова награда за мир Валенса и другите дисиденти, меѓу кои и Адам Михњик, Богдан Борусевич и Владислав Фрасњук, истакнуваат дека комунистичките власти барале од нив да ги прекинат активностите со истото образложение на Трамп – дека страдаат невини луѓе.

– Тие ни ја одзедоа слободата и граѓанските права, бидејќи не се согласивме да соработуваме со властите и не им изразивме благодарност, се посочува во отвореното писмо што го објави полскиот весник „Газета Виборча“.

Поранешните полски дисиденти го потсетуваат Трамп дека секогаш кога САД се обидувале да се дистанцираат од Европа и демократските вредности, тоа им се вратило како бумеранг и на крајот САД влегоа и во Првата и во Втората светска војна на страната на Европејците, како и дека големината на претседателот Роналд Реган е во тоа што не се двоумеше да го нарече Советскиот Сојуз империја на злото, против која објави војна и победи.

– Претседателе, материјалната помош – воена и финансиска – не може да биде еквивалент за пролеаната крв за слободата на Украина и на целиот слободен свет.

Човечкиот живот нема цена, не може да се мери со пари. Благодарност заслужуваат оние кои крвават за слободата, се наведува во отвореното писмо до Трамп.

Полските дисиденти и поранешните антикомунистички политички затвореници го завршија писмото повикувајќи ги Трамп и неговата администрација конечно да ги натераат САД да ги исполнат своите обврски од Меморандумот потпишан во Будимпешта во 90-тите години од минатиот век, кога САД и гарантираа на Украина дека нејзините граници се неповредливи во замена за Киев да го предаде украинскиот нуклеарен арсенал.

– Овие гаранции во никој случај не се условени, нема ниту еден збор за таквата помош да се третира како трговска размена, се посочува во писмото до Трамп.