Отворено „Охридско Лето“
Ќе дојдат светски уметници, угостителите да не им наплаќаат како да наплатуваат воена отштета, порача министерката за култура Костадиновска-Стојчевска од „Охридско лето“. Таа во своето обраќање се осврна на значењето на уметноста, претпознатливоста и реномето на фестивалот. Манифестацијата започна со изведба на светската оперска дива Ангела Георгиу.
„Летната сезона во Охрид не трае долго и затоа квалитетот а не квантитетот му прилега на овој древен скапоцен град. Токму затоа би сакала да пренесам една порака. Поради Охридско лето и годинава на гости ќе ни дојдат многубројни уметници од целиот свет, ги замолувам угостителите да не им наплатуваат како да треба да наплатуваат воена отштета или некои други ненамерни долгови. Ако овие зборови на луцидниот Душко Радоњ допрат до нашите домаќини им благодарам”, рече министерката.
Претседателот Стево Пендаровски потенцира дека во мигови кога човештвото се наоѓа пред безброј предизвици кои ги негираат клучните цивилизациски придобивки, повеќе од потребни ни се уметноста и културата преку кои ќе повратиме дел од загубените или злоупотребени вредносни системи.
„Не постои ништо поважно од континуитетот во градењето на институционалната меморија на нацијата. Фестивалот „Охридско лето“ е парадигма за токму таквиот континуитет, кој преку својот шеесет и три години грижливо архивиран и развиван институционален капитал остава темелни траги во меѓународната размена на културни и уметнички вредности“, рече Пендаровски.
Вљубениците во уметноста до 20 август ќе имаат можност да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалот ќе настапат повеќе од илјада уметници од над дваесет земји од светот.
-
Нина Аритоновска
Сите содржини од овој новинар