Македонија
24. January 2017 - 13:05

Отворени денови на Катастарот во Скопје


Жителите на Скопје можат да се обратат во Центарот за катастар на недвижности доколку имаат проблеми или нејаснотии за предмети во надлежност на оваа институција. Стручни тимови на катастарот ќе бидат на располагање за консултации и одговари до петок, од девет до 17 часот, во рамки на 9. Отворени денови на Агенцијата за катастар на недвижности, што почнаа во октомври лани. 

Отворени денови веќе се реализираа во Штип, Велес, Охрид, Струга, Дојран, Богданци, Новаци, Могила, Кривогаштани. Ќе продолжат наредната недела во Ресен и Демир Хисар, по што е планирано да се опфатат и одделенијата во Куманово, Дебар, Кичево, Берово, Делчево и Скопје, а ќе завршат на 10 март во Македонски Брод и Крушево. 

- Досега 740 граѓани присуствуваа на „Отворените денови со Катастарот“ и побараа помош од стручните лица, дел од нив на самото место ја завршија работата, а дел добија стручна помош за да можат најлесно да го решат проблемот. Во однос на бизнис-секторот, досега 146 фирми ја искористија можноста за консултации и разрешување на покомплицирани или посложени предмети кои се поврзани со катастарот, информира на прес-конференција Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Лани Катастарот решил речиси 1,2 милиони предмети што е за 130.000 предмети повеќе од 2015 година. Во Центарот за катастар на недвижности-Скопје во минатата година се решени над 390.000 предмети или за 15.000 предмети повеќе од 2015 година. Најмногу предмети, 136.000, се примени во март, а најмалку во јули кога се доставени 77.000 предмети што најверојатно се должи на годишните одмори.

Одговарајќи на новинарски прашања Трпески укажа дека ако до пред десет години граѓаните најмногу се жалеле на брзината на постапките во Катастарот, сега поплаките се за специфични предмети за кои сметаат дека имаат право да им бидат впишани, а стручните служби оцениле дека некој услов не е исполнет. - На отворените денови се отвораат тие предмети, се разгледуваат повторно, ако се работи  за грешка на Катастарот се отвора службен налог и веднаш се решава предметот, а ако има потреба за дополнителна документација во тој случај се дава насока на странката, појасни Трепески.

Најбарана услуга на граѓаните од Катастарот е издавање имотен лист и лани се издадени 573.000, по што следат барање податоци од приватните геодетски фирми или 139.000. Над 100.000 барања се примени за промена на сопствени врз основа на купопродажба, наследно решение или подарок.  Изминатата година се запишани нови 15.000 хипотеки, а се избришани 10.000 хипотеки. Минатата година во катастарот на недвижности се предбележани 1.775 згради во фаза на изградба, а се примени 50.000 барања за запишување станови, куќи, деловни простории... Во 2016 година Катастарот примил и 20 барања за предбележување инфраструктурни објекти во должина од 380 километри и 110 барања за запишување инфраструктурни објекти во должина од 400 километри.