Македонија
19. October 2017 - 14:32

Отворена првата бензинска станица во општина Вевчани

„Макпетрол“ денеска официјално ја пушти во употреба својата 127 бензинска станица лоцирана на магистралниот пат Струга – Дебар, во непосредна близина на крстосницата со Вевчани.

Станува збор за бензинска станица со највисоки пропишани технички и безбедносни нормативи во која се инвестирани 120 милиони денари и се отворени нови девет работни места за локалното население од Вевчани.

-Водејќи се по принципот да бидеме присутни онаму каде што навистина има потреба, така и со оваа модерна бензинска станица се приближуваме кон нашите потрошувачи од општина Вевчани и околината на кои ќе им бидат достапни сите наши квалитетни производи и современи услуги, рече Мишко Тасевски, раководител на Секторот за маркетинг на „Макпетрол“ на отворањето на бензинската станица.

Директорот на Дирекцијата за малопродажба на „Макпетрол“ Љупчо Георгиевски порача дека верува  оти ќе можат да го направат секојдневието полесно и поедноставно за граѓаните, а, како што кажа, токму тоа е и мотото за отворањето на новата бензинска станица во Вевчани.

-На потрошувачите ќе им понудиме широка палета на производи, квалитетни бензини и дизел горива, како и авто ТНГ гориво, а во план е и проширување на понудата со изведба на метанска инсталација со што комплетно ќе ја заокружиме нашата понуда, рече Георгиевски.  

Нагласи дека Макпетрол со 70-годишно искуство е најголемиот дистрибутер на горива во државата со 1.800 вработени, од кои нови девет на бензинската станица во Вевчани и 127 бензински станици низ целата територија на државата.