Бизнис
3. December 2015 - 19:04

Отворена најголемата фабрика за ориз во Кочани

Нова странска инвестиција во Кочани. Турската компанија Левидиагро ја отвори најголемата фабрика за преработка на ориз во регионот со која се очекува најпознатиот земјоделски производ од Кочански да се врати на европскиот пазар.

На отварањето на капацитетот кој одоново ги активираше халите на некогашен Жито Ориз, премиерот Груевски ја објави и одлуката за зголемување на субвенциите за производителите на ориз.

Левидиагро е дел од група компании на турски инвеститори чија цел е да го подигнат квалитетот и извозот на македонски ориз на европските пазари.

Локалната власт очекува компанијата да биде долгорочен партнер на земјоделците кој ќе го осигура откупот и пласманот, а преку вложувања во механизацијата, ќе ја зголеми нивната економска моќ.

Ова е трета позначајна странска инвестиција која се реализира во Кочани, по американската Амфенол и холандската Антура.