Бизнис
19. November 2015 - 12:40

Отворен третиот Македонски економски самит

За разлика од претходните два самита кои беа фокусирани на инвестиции, овој економски самит има поширок опсег и ќе се дискутираат теми поврзани со растот и просперитетот на земјите од Југоисточна Европа, а ќе има и експерти кои ќе говорат за лидерство, технологија, претприемништво и култура.

Ова денеска во Скопје го порача претседавачот на третиот економски самит на Македонија 2025, Зоран Мартиновски во говорот на свеченото отворање.

Тој порача дека организирањето на самити од Македонија 2025 започна како идеја во 2011 година со замисла дабидат платформа за споделување на знаење и инспирација.

- На третиот самит ќе имаме повеќе од 40 говорници од 20 земји во светот од кои голем дел  се луѓе кои доаѓаат од Македонија и тоа како од традиционалната дијаспора, така и луѓе кои ја напуштиле заемјава во последните години. Се надевам дека нивното присуство тука ќе покрене некоја идеја како да се мобилизира експертизата  за да се придонесе за идниот развој на Македонија, рече Мартиновски.

Нагласи дека се надева оти од самитот ќе произлезат некои добри идеи кои ќе можат да се применат во пракса.

Во името на Одборот на директори на Македонија 2025 се обрати Мајк Зафировски кој потенцира дека сега се фокусираат на 14 наместо на седум криетериуми за економска успешност што требада ги исполни земјава до 2025 година. Намера, нагласи, им е Македонија да биде меѓу првите 10 земји во светот во секоја од поставените цели со исклучок на намалувањето на невработеноста каде, како што рече, цел им е да достигне до 10 отсто во наредните 10 години.

- Имаме визија да се прошири почетниот опсег за Македонија 2025, а тоа значи на се направи организација која ќе стане тинк-тенк и ќе поттикнува нови идеи. Почнавме со иницијатива како може Македонија да стане поуспешна држава и тоа не само со привлекување на нови инвестиции, туку и со визија како да се оди напред со размислување и планирање, рече Зафировски.

Додаде дека е многу важно да се намали одливот на мозоци од земјава и повеќе од младите луѓе да останат во Македоија и тука да напредуваат.

- Нашите први три стратешки цели остануваат исти, а тоа се да промовираме економски развој со поткатегориите: да има странски инвестиции, зголемување на конкурентноста, раст на бројот на претприемачи, воведување едукација за претприемништво,... Новина се областите унапредување на експертизата за економски развој, односно да се промовираат транспарентноста, инклузивноста и демократијата и преку нив да се развие подобра платформа за слобода, економски развој и проспреритет и со дијаграми да споредиме како и оди на Македонија во споредба со некои други земји и да дадеме одговор како ќе изгледа успешноста на земјава во 2025 година, рече Зафировски. 

Третиот економски самит има за цел да ја поттикне и унапреди дискусијата за економскиот развој, да ги претстави динамичните сектори и предностите на земјата. Ќе има осум панел-дискусии, неколку  интерактивни настани за запознавање и поврзување и ден за спортски активности. 

Организаторот смета дека оваа година е многу важна за економскиот развој на земјата.

- Во изминатите неколку години дојдоа повеќе странски инвестиции, а во домашната економија се почувствува нова динамика. На ред е да се консолидираат домашните компании, односно да се поттикнат нови, понапредни и подинамични компании што ќе бидат проактивни во извозот на производи и услуги. Самитот е силен бран што го продолжува континуитетот преку замислување како би изгледал натамошниот економски развој за нашата земја, велат од Македонија 2025.