Бизнис
12. March 2016 - 15:22

Отворен ден на Управата за имотно-правни работи во Вевчани

Директорот на Управата за имотно-правни работи Зоран Крстаноски денеска во Вевчани ги слушна проблемите и барањата на вевчанци поврзани со имотно-правните работи.

Вевчанци, според него, најчесто се соочуваат со проблеми главно поврзани со постапките за катастарски уписи, но и постапките кои се водат со стари заостанати судски спорови поврзани со разрешување имотни прашања.

- Дадов правни совети и укажувања, она што е во надлежност на Управата ќе можам директнио да влијаам да се забрзаат одредени процедури. Сметам дека посетата е исклучително корисна бидејќи разменивме мислења и идеи за проекти за подобрување на условите за живот на вевчанци, изјави Крстаноски.

Вакви средби досега се реализирани во скопската општина Зелениково, како и во Неготино и Маврово-Ростуше, а целта е во општините каде Управата нема подрачно одделение директорот директно да ги слушне проблемите со кои се соочуваат жителите. Од досегашните посети, Крстаноски посочи дека во најголем дел од проблемите што се однесуваат на Управата за имотно-правни работи на лице место се разрешуваат. 

- Тоа се можеби прашања поврзани со пропуштен рок за поднесување барање за приватизација, кога на граѓаните им се даваат правни совети, кои се законските можности и што следува понатаму. Им се помага и за прашања кои не се во надлежност на Управата, како на пример постапки за легализација која е во надлежност на општината. Ги информираме граѓаните за најновите законски можности што им стојат на располагање и се можност за завршување на нивните постапки, информира Крстаноски.

Интересот кај вевчанци за решавање на имотно правните проблем, според градоначалникот Цветомир Угриноски, е голем.

- Граѓаните дојдоа да се информираат за постапката за решавање на имотно-правни проблеми. Најголем интерес имаше за узурпираниот имот од страна на Дримкол, кој сопствениците си го враќаат, рече Угриноски.

Директорот на управата Крстаноски и градоначалникот Угриноски претходно остварија средба на која разговарале за проблемите и идните проекти кои ќе ги реализира општината, а свое учество и поддршка ќе даде Управата за имотно-правни работи во постапки за експропријација, пред се за реалзиација на проекти кои се од значење на општина Вевчани.