Отворен Центар за кариерно советување на учениците во ДСУ „Св.Наум Охридски“
Центар за кариерно советување на учениците е отворен денеска во рамки на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски“- Скопје, кое одбележува 49 години постоење. Отворањето на Центарот е во рамки на проектот на УСАИД Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување-Мрежа ЈЕС.
Со отворањето на Центарот, училиштето станува дел од 53-те училишта во земјата во кое се отворени кариерни центри за поддршка на учениците во изборот на професија и транзицијата кон пазарот на труд.
Министерството за образование и наука со поддршка од проектот на УСАИД „Младинска мрежа за стекнување на вештини за вработување“ -ЈЕС мрежа од 2010 година работи на воспоставување одржлив систем за кариерно советување, што ќе биде достапен за сите средношколци, вклучувајќи ги и младите со попреченост. За таа цел во проектот се вклучени четири училишта за ученици со посебни образовни потреби во кои се работи по соодветно адаптирани програми.
На свеченоста по повод одбележувањето на патрониот празник на училиштето и на отворањето на Центарот за кариерно советување на учениците присуствуваше заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој изјави дека Кариерниот центар го спроведуваат преку проект со поддршка на УСАИД, кој се однесува на директна поддршка на учениците во насока на нивно правилно насочување и кариерен развој во натамошниот дел од животот.
Посочи дека е исклучително задоволен од реализацијата на проектот затоа што, како што рече, учениците кои се дел од тоа училиште се со извесни лесни попречености, но во ништо не се разликуваат од останатите ученици кои учат и се образуваат во редовните училишта во Република Македонија.
- Јас сум многу среќен и задоволен затоа што и на оваа категорија ученици им се овозможува поддршка во кариерниот развој. Со таквата директна поддршка се обезбедува вистинската инклузија на овие ученици, нивното вклучување во секојдневниот живот, за што се и потврда изминатите неколку години, при што околу 50 ученици од ова училиште веќе работат и се целосно во ангажман во приватни фирми во Македонија со што се потврдува правилноста на спроведувањето на овој проект, рече Ристовски.
Нагласи дека со УСАИД ќе продолжат со имплементација на овој проект и отворање на овие кариерни центри за сите ученици во Република Македонија, независно дали се дел од редовниот образовен систем, од редовните училишта или се ученици кои учат во училишта за ученици со извесни посебни потреби.
Директорот на канцеларијата за развој на УСАИД во Македонија, Мајкл Стивејтер рече дека лицата со попреченост во општеството имаат тенденција да бидат едни од најранливите групи.
- Во областа на помошта на лицата со попреченост УСАИД има одлична соработка со Владата на Македонија, додаде Стивејтер.
Директорот на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски“, Јордан Стојановски истакна дека во училиштето има 150 ученици од кои 46 се во ученички дом.
- Тоа се ученици од цела Македонија, скопските патувааат, повеќето се со придружба со родител старател. Во моментов имаме шест струки со потструки: графичка, машинска, градежна, текстилна, угостителство-туристичка струка во која се образуваат кадрите, посочи Стојановски.
Нагласи дека во просек околу 150 до 170 ученици се во една школска година.
- Во Кариерниот центар учениците ќе се запознаат со технологија што е модерна. Имаме и тастатури за ученици со пречка во видот и разни други пропратни работи. Во струките соработуваме со повеќе компании. Ги обновуваме контактите со компаниите. Постои интерес кај одредени компании кои имаат свои заштитни работилници да вработат наши ученици. Владата имаше акција за вработување на лица со попреченост. Седум деца од кај нас се вработени со таа акција, додаде Стојановски.
По отворањето на Центарот, се одржа програма во која настапија учениците од драмската секција.
Ново на Сител
-
Ливерпул го совлада Тотенхем во дерби со девет голови
-
Трамп: Очекувам разговор со Путин за да се реши конфликтот во Украина
-
Куртулмуш: Реална цел е трговскиот обрт меѓу Северна Македонија и Турција да достигне две милијарди долари
-
Состојба на патиштата
-
Министерствата за животна средина и за енергетика ќе објават детали за иницијативата за подобрување на квалитетот на воздухот
-
Облачно и студено со врнежи од дожд и снег
-
Галичник недостапен за новогодишните празници, снегот од патот неисчистен
-
Пандев спортски директор на националните селекции, Најдоски и Ибраими советници на Омерагиќ