Македонија
25. May 2016 - 14:58

Отворен 4. Саем за транспорт - товарни возила

Овластени застапеници на најголемите производители на товарни моторни возила како Мерцедес Бенз, Волво, Сканиа, Шмиц Каргобул,  Ивеко, ДАФ, Когел, Крон,  Грејт вол, Мотоцентар се претставени на Саемот за транспорт што од денеска до 28 мај се одржува во надворешниот изложбен простор на Скопски саем.

Дел од нив нудат нови подобрени модели на веќе познатите возила кои овозможуваат намалување на потрошувачката на гориво, а со тоа и поголема конкурентност за транспортните компании. Доминира оценката дека политичката криза засега не влијае на продажбата на овие возила, а дел од комапните постигнуваат и подобри резултати од минатата година.

Ванчо Чичаковски од „Волво Тракс“ вели дека Македонија е една од земјите лидери во однос на регионот кога станува збор за почитувањето на европските стандарди, особено стандародот Еуро 6, кој стапи во сила пред две години, како и во однос на примената на сите други системи и софтвери кои помагаат во безбедноста на возачите и на камионите. Според него, веќе 60 проценти од возниот парк на транспортните фирми е со најголемиот стандард. Како застапници на „Волво“ се задоволни од продажбата остварена од почетокот на годината која, посочува, е зголемена за 10 до 20 проценти во однос на минатата година.

- Продажбата оваа година е подобра од минатата година истиов период, затоа што нашите транспортери се опремени со ЦЕМТ дозволи кои ги издава Европската комисија за да можат да возат внтаре во ЕУ и надвор од Унијата и побарувањето е поголемо токму од тие причини. И економијата во Македонија е малку подобра и имаме зголемување на нивната работа внатре во државата, вели Чичаковски. 

Смета транспортот се соочува со многу проблеми во државата, кои вели, би се надминале со влегување на земјата во ЕУ.

Михаило Зографски од претставништвото на „Мерцедес Бенз“ истакна дека на саемот се претставуваат со веќе добро познатите камиони кои ги исполнуваат Еуро 6 нормите, а новина е, додава тоа што имаат нови мотори кои трошат уште помлаку од претходно претставените мотори со овој стандард. Меѓу изложените возила се и модели од гамата на лесни комерцијални возила - Спринтер, Вито и Ситан, а тука е и најновиот модел автобус „Туризмус 17 РХВ“ со 57 седишта. Продажбата на автобусите за меѓународен транспорт вели е со многу мал обем поради одредени законски решенија.

- Проблем со кој се соочуваат превозниците на патници во меѓународен транспорт е што не може да си го повратат ДДВ-то при набавка на автобусите како основни средства за работа. Тоа едноставно ги демотивира да купуваат нови автобуси и затоа се повеќе купуваат страри и амортизирани автобуси..Вообичаено секаде во свет тоа ДДВ може да си вратат и да го реинвестираат. Со тоа ќе добие и држвата, ќе добијат и самите патници на квалитет и ќе се подигне низното на транспортот на патници во Македонија, изјави Зографски.

Мирјана Симоновска Ќука, застапник на приколките за товарни возила од фирмата Шмиц Каргобул, вели дека продажбата досега оди по нагорна линија и покрај политичката криза, а со конкуренцијата на пазарот на кој имаат удел од околу 80 проценти добро се справуваат.

- Се справуваме добро затоа што нашите возила имаат традиција, квалитет, застапени сме во сите сегемнти. Со сите можни начини се бориме да останеме први. На овој саем се претставуваме со нашиот нов разладен уред со двоен температурен режим, рече Симоновска Ќука.

Ова е четврто издание на Саемот за транспорт - товарни возила, а партнер на манифестацијата е транспортната асоцијација СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ. Работното време на Саемот, е од 10 до 18 часот, а влезот е бесплатен.