Македонија
1. April 2018 - 17:09

Отпадот во Струмица завршува на улица – дивите депонии никнуваат насекаде

Наместо во контејнерите или локациите предвидени за тоа голем дел од отпадот во Струмица завршува на улица.   Диви депонии никнуваат насекаде, а се фрла се и сешто, од растителен отпад  па  до градежен шут.  И покрај тоа што јавното комунално претпријатие  секојдневно го собира отпадот, организира големи еколошки акции,  овој проблем останува еден од најгорливите.    Од Комуналец велат главна причина  е  несовесноста и ниската еколошка свест како кај граѓаните така и кај правните  лица кои многу често  прават диви депонии.

,, Во моментов можам да кажам дека од вкупно 24 диви депонии што беа опфатени со акцијата во 2017 година веќе шест или седум такви депонии повторно се појавуваат.,, вели  Брако Ѓорѓиев , раководител на Р.Е Чистота, Комуналец - Струмица.

Диви депонии се јавуваат не само во градот, туку  и во селата, најчесто на влезовите и покрај реките.  А можност велат постои, потребно е само да го одложат пред нивните домови и  да се јават во претпријатиетието или севисот Систем 48 и отпадот веднаш ќе биде подигнат.

,, Се случува буквално секаде. Значи се случува такви диви депонии да се сретнат и во периферните делови на градот, но и во самото централно градско подрачје. Сведоци сме  сега на пролетно реновирање на домовите на граѓаните и место да се пријават и нашето возило да дојде и да го собере отпадот од пред нивниот дом они отпадот го ставаат покрај контејнери, на тротоари , само да не е пред нивниот дом.,, вели ЃОРГИЕВ

Од Комуналец велат , не помагаат многу и казните  бидејќи тешко се откриваат несовесните граѓани и затоа апелираат   на поголема совесност.  Во меѓувреме за надминување на проблемот веќе  подготвуваат и нов проект , спцијален еколошки двор    во  кој во секое време граѓаните бесплатно ќе може да одлагаат секаков вид  отпад, кој потоа претпријатието ќе го  селектира и  сепарира.