Македонија
16. September 2020 - 20:07

Отказ наместо враќање на работа најавуваат револтирани мајки

-Мојот отказ ќе биде заклучно од среда бидејќи немам кој да ми ги чува бебенцата, изјави за Сител Мартина Младеновски.

Мартина Младеновски мајка на 15 месечни близначки е една од многуте мајки кои се принудени да дадат отказ и  да останат дома за да се грижат за децата. Таа за Сител раскажа дека со неверување ја слушнала одлуката за укунување на продолженото породилно.

-Бидејќи беше најавено дека породилното требаше да трае до 31.12 јас не ги запишав децата во градинка. Имам близначки 15 месечни, предвреме родени, одговараат на терминско детенце од 12 месеци. Со намален умунитет се. Имав во план да ги запишам во градинка, ама поради короната не ги запишав. Ќе дадам отказ. Не сум само јас таква мајка голем е процентот на мајки кои ќе дадат отказ, изјави за Сител Мартина Младеновски.

Револтирани дека на 23 септември треба да се вратат на работа  утре мајките кои се на трудничко ќе излезат на протест пред Владата.

- Се надеваме дека некој ќе го слушне нашиот глас. Дека навистина не е безбедно децата да тргнат во градинка. Дури и тие мајќи чии деца се запишани во градинка, на децата им треба период на адаптација од месец дена. Една недела е прекраток период за адаптација на детето, смета Младеновски.

За министерката за труд и социјала нема ништо спорно во владината одлука. Според Јагода Шахпаска Со отворањето на градинките мерките за отсуство од работа на родителите и за продолжено  породилно отсуство ја изгубиле својата смисла.