Македонија
5. December 2015 - 15:50

Осветени темлите на новата црква „Свето Преображение Христово“ во Ѓорче Петров

Во населбата „Даме Груев“, во општина Ѓорче Петров денеска почна изградбата на новата црква „Св Преображение Христово“.

Со чинот на осветување на темелите на новиот храм чиноначелствуваше архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан со свештеници од Македонската православна црква. На свеченоста присуствуваа и председателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски и голем број верници.

Во обраќањето пред присутните Митровски истакна дека се сведоци на уште едно поглавје од историјата на Ѓорче Петров и на Македонската православна црква.

- Ние сме генерација која после многу десетици години ја имаме честа да бидеме сведоци на започнување со изградба на нова црква и затоа сме неизмерно среќни и горди. Граѓаните на нашата општина ќе дадат свој придонес за брза реализација на проектот, а со тоа ќе оставиме траг во историјата за нашето постоење и за нашата свест и почит кон верата, кон бога и кон светата Македонска православна црква, рече Митровски.

Новата црква во основа ќе има 380 квадрати со три куполи. Работите ќе ги изведува компанијата „ Жикол“- Скопје, а предвидено е да завршат за 36 месеци.