Македонија
27. February 2016 - 12:21

Осветен камен-темелникот на крстот во Бутел

Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан со свештеници од Скопската епархија денеска го осветија камен-темелникот на крстот во Бутел, на кружниот тек кај улиците „Боца Иванова“ и „Александар Урдаревски“.

На церемонијата присуствуваа вицепремиерот Владимир Пешевски, заменик министерот за труд и социјала Диме Спасов, градоначалниците на Скопје Коце Трајановски, на Бутел Петре Латиновски и на Гази Баба Тони Трајковски и првиот човек на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров.

Осветувањето и поставувањето на темелите на крстот мина мирно и без инциденти. Од изутрината во општината беше забележливо зголемено присуство на полицијата. Полициски сили беа распоредени на пристапните сообраќајници околу локацијата и го пренасочуваа сообраќајот.

Претходно, симпатизери на ДУИ за денеска најавија протест поради изградбата на крстот. Советниците на ДУИ во општина Бутел вчера на прес-конференција кажаа одлука на Советот на Општината за изградба на крст е „нелегалната и провокативна“.

Крстот во Бутел ќе биде реплика на оној од општината Аеродром, ќе биде монтажен, висок 51 метар, широк 4 метри, со распон на краците од 34 метри, врз постамент од 5,5 метри и фрески на дванаесетте свети апостоли. На крстот ќе биде изведена инсталација за енергетска самоодржливост, а местото околу крстот ќе биде хортикултурно уредено. Крстот треба да биде изграден најдоцна за два месеца.

Изработката на проектната документација, како и трошоците за поставување и изведување на крстот е донација од правни и физички лица. Воопшто не се користат буџетски средства од општината, Градот или Републиката. По изградбата, крстот ќе биде предаден во сопственост на општината Бутел.

Инцијативата за изградба на крстот е поднесена од Светскиот македонски конгрес на 18 февруари 2016 година до Советот и градоначалникот на Општина Бутел. Советот ја донесе одлуката на 23 февруари, а градоначалникот го издаде одобрението за градба на 25 февруари.