Македонија
14. March 2024 - 16:47

Освен за пасоши, на интернет ќе се проверува дали се готови и личните карти и возачките

Наместо по неколку пати да одите во полициска станица да проверувате дали ви е готова личната карта, тоа ќе може да се провери на веб сајтот на МВР. Овој систем сега важи само за пасошите, но од министерството го оспособуваат да може да се проверува и за лични карти и за возачки.

Но денеска ако проверите на mvr.gov.mk дали ви е готова личната карта, ќе пишува дека е во процес на изработка, иако дел од нив се веќе готови. Жителите на град Скопје, се уште не треба да се потпираат на овој систем бидејќи не е официјално во функција.

Министерот Тошковски најави дека за брзо ќе може да се проверува и онлајн до каде е изработката на личните карти и возачки за кои граѓаните веќе се фотографирале.

Но со фотографирањето за лична карта и пасош не завршува голготата на граѓаните да дојдат до лични документи. На територија на Македонија над 33 граѓани се сликани за лични карти но се уште не им се одобрени за печатење, бројките на неодобрени пасоши пак се уште повисоки.

Од МВР денеска заедно до МИОА воведоа пилот програма во Куманово, каде граѓаните во управната служба на МВР ќе земат бројче и ќе чекаат на ред дали за фотографирање или подигнување на личните документи. Бојмацалиев пак вели, системот во Куманово е идентичен на оној прв дојден-прв услужен како во П.С. Пролет, што министерот Тошковски го укина.