Балкан
19. August 2016 - 13:54

Осумтемина турски офицери ќе излезат пред комисија за азил во Грција

Осумтемината турски офицери, кои само неколку часа по неуспешниот обид за преврат во земјата, со воен хеликоптер пребегаа во Грција и слетаа на аеродромот во градот Александруполис, денеска ќе се појават пред комисија, која ќе ги разгледа нивните барања за добивање политички азил во Грција, информираа грчките електронски весници. 

Турските офицери, чија судбина меѓународната заедница ја следи со огромен интерес, се очекува уште еднаш да посочат дека нивното екстрадирање нема да им обезбеди праведен процес во Турција и дека сигурно ќе бидат осудени на смрт.

Анкара и официјално од грчката Влада побара екстрадирање на осумтемината војници. Барањето по дипломатски пат од турското Министерство за правда му беше предадено на соодветно грчко Министерство.

Во Турција против офицерите се покренати обвиненија за кршење на Уставот и за учество во обидот за преврат.

Тие, меѓутоа, ги негираат ваквите обвиненија, тврдејќи дека само ги спороведувале наредбите на своите претпоставени.

Нивните адвокати не ја исклучуваат можноста Турција прашањето за нивната екстрадиција да го искористи за да се повлече од договорот за мигрантите меѓу Брисел и Анкара.