Бизнис
11. August 2020 - 13:53

Осум програми за макрофинансиска помош во поддршка на земјите од соседството, за Македонија 160 милиони евра

Европската Комисија (ЕК), во име на ЕУ, од денеска договори Меморандуми за разбирање (МзР) за програми за макрофинансиска помош (МФП) со осум партнери. Договорите се дел од Пакетот за МФП од три милијарди евра за десет земји кои се во процесот на проширување и земји од соседството, со цел да им се помогне да го ограничат економскиот колапс од пандемијата со коронавирусот.

За Северна Македонија, условите на политиките за нивната програма за МФП од 160 милиони евра се однесуваат на зајакнување на фискалното управување и транспарентноста, борбата против корупцијата, подобрување на супервизијата на финансискиот сектор, подобрување на деловното опкружување и справување со невработеноста кај младите.

Тековната и брза имплементација на овие програми, стои во соопштението од ЕК, е важен показател на солидарноста на ЕУ со овие земји во време на криза од претходно невидени размери.

– Меморандумите за разбирање со Албанија, Грузија, Јордан, Косово, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија и Украина се веќе договорени. Исто така, овие документи се официјално потпишани со четири од нив: Косово, Молдавија, Северна Македонија и Украина. Во тек се преговорите за МзР со преостанатите две земји – Босна и Херцеговина и Тунис, се наведува во соопштението.

Валдис Домбровскис, извршен потпретседател за економија која се базира на социјална праведност и просперитет, потенцира дека поддржувањето на нашите соседи е неопходно во ова време на криза за да може целиот регион да биде стабилен. Како дел од глобалниот одговор на ЕУ на пандемијата со коронавирусот, рече тој,  се трудиме да им помогнеме на нашите соседни земји да го ублажат нивниот најлош економски удар.

 

– Овие „кризни програми за МФП“ ќе обезбедат поволни услови, врз основа на потпишани Меморандуми за разбирање во кои ќе бидат дефинирани конкретни реформски обврски. На овој начин ќе им се помогне на тие соседни земји да ги покријат своите потреби од надворешно финансирање во периодот 2020-21 година, со оглед на нивните посебни потешкотии во справувањето со економскиот удар од пандемијата, изјави Валдис Домбровскис, стои во соопштението.

Паоло Гентилони, Комесар за економија, истакна дека пандемијата со Ковид-19 не знае за граници, а нејзините претходно невидени економски и социјални удари влијаат врз земјите од целиот свет. Земјите кои се во процесот на проширување и земјите од нашето соседство се сериозно погодени, а ние како Унија, како што рече, имаме финансиска сила да им помогнеме да го ограничат економскиот колапс од пандемијата. Комисијата, во име на ЕУ, работи со десет земји-партнери во поддршка на нивните напори и спроведување на ефективните економски политики во време на невидена криза. Потврди дека веќе е постигнат договор со осум партнери како доказ на солидарноста на ЕУ.

Меморандумите за разбирање ги предвидуваат активностите на политиките на кои корисниците се обврзуваат со цел да ја добијат втората транша од помошта. Договарањето и потпишувањето на Меморандумите за разбирање е важен чекор кон првото доделување на средства во рамки на програмите, што е условено со исполнување на политичките предуслови, вклучително и почитувањето на демократските принципи, човековите права и владеењето на правото. Земјите-кориснички исто така би требало да се корисници и на програмата за финансиска помош од ММФ.

За Албанија, се појаснува во соопштението, условите на политиките за нивната програма за МФП од 180 милиони евра се однесуваат на зајакнување на јавните финансии и отпорност на финансискиот сектор, подобрување на владеењето и борбата против корупцијата и унапредување на социјалната заштита.

За Грузија, условите на политиките за нивната програма за МФП од 150 милиони евра се однесуваат на зајакнување на управувањето со јавните финансии, подобрување на владеењето, секторските реформите и политиките на пазарот на трудот.

Во соопштението од ЕК стои дека за Јордан, активностите на политиките за нивната програма за МФП од 700 милиони евра се посеопфатни, бидејќи опфаќаат две МФП операции. Тие ги покриваат управувањето со јавните финансии, комуналните услуги, социјалната политика и политиката на пазарот на трудот и владеењето.

За Косово, пак, се наведува, условите на политиките за нивната програма за МФП од 100 милиони евра се однесуваат на зајакнување на јавните финансии и финансиската стабилност, решавање на невработеноста кај младите и подобрување на доброто владеење, како и борбата против корупцијата.

За Молдавија, условите на политиките за нивната програма за МФП од 100 милиони евра се однесуваат на зајакнување на управувањето со јавните финансии, доброто владеење и борбата против корупцијата, како и подобрување на деловното опкружување.

За Црна Гора, условите на политиките за нивната програма за МФП од 60 милиони евра се однесуваат на зајакнување на јавните финансии и борбата против корупцијата, зајакнување на финансиската стабилност, подобрување на деловното опкружување и реформа на социјалната заштита.

За Украина, условите на политиките за нивната програма за МФП од 1,2 милијарди евра се поголеми и посеопфатни и се однесуваат на зајакнување на управувањето со јавните финансии, владеењето и правната држава, реформата на судството, конкуренцијата на пазарот на природен гас, подобрувањето на деловната клима и управувањето со претпријатијата во државна сопственост.

МФП е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со земјите од соседството и земјите кои се во процесот на проширување и е наменета како исклучителен инструмент на ЕУ за реакција во случај на кризи. Таа е достапна на земјите кои се во процесот на проширување и земјите од соседството на ЕУ кои имаат сериозни проблеми со платниот биланс. МФП е доказ за солидарноста на ЕУ кон овие земји и поддржувањето на ефективните политики во време на криза од претходно невидени размери.

Одлуката за доделување на макрофинансиска помош на десет земји кои се во процесот на проширување и земји партнери од соседството во контекст на Ковид-19 пандемијата беше предложена од страна на Комисијата на 22 април и усвоена од страна на Европскиот парламент и Советот на 25 мај 2020 година.

Покрај МФП, ЕУ ги поддржува земјите од соседството и Западен Балкан преку неколку други инструменти, вклучително и хуманитарна помош, буџетска поддршка, тематски програми, техничка помош, механизми за мешовито финансирање и гаранции од Европскиот фонд за одржлив развој за поддршка на инвестициите во секторите кои се најмногу засегнати од пандемијата на коронавирус.