Македонија
1. February 2019 - 16:39

Осум кандидати сакаат да бидат претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, неофицијално меѓу нив и Гордана Силјановска

Осум кандидати преку Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе бараат место за учество во претседателската трка. Од партијата не откриваат кои се кандидатите кои што на 16ти февруари ќе ја бараат довербата на повеќе од 550 делегати во Струга.

Во отсуство на официјални информации, на јавноста и се познати само имињата на Влатко Ѓорчев и Филип Петровски кои сами ги објавија своите амбиции да му бидат наследници на Иванов.
Неофицијални партиски извори брифираат дека меѓу пријавените е и универзитетската професорка Гордана Силјаноска за која професорската фела побара од опозицијата да ја номинира како натпартиски кандидат.

Во изминатите денови се шпекулираше и со имињата на Игор Дурловски и професорот Саво Климовски но до овој момент никој ниту ги потврдува, ниту демантира информациите дека меѓу осумтемина кандидати се наоѓаат и оперскиот пејач и поранешниот претседател на Собранието.

И во СДСМ имињата на претседателските кандидати се уште се само шпекулации. Министерската  тројка и координаторот за НАТО Пендаровски се вртат како најсериозни кандидати на Бихаќка иако од партијата велат дека на интерните анкети го мерат рејтингот на повеќе имиња.

Во средата место на гласачкото ливче побара и ДУИ најавувајќи дека на изборите најверојатно ќе оди со сопствен кандидат, оставајќи ја отворена можноста да се направи предизборна коалиција со останатите албански политички партии како би се лансирал еден, заеднички кандидат од албанскиот етнички блок.

За самостојно учество размислуваат и две партии од владејчакиот блок. Свој кандидат за изборите бара ЛДП на Горан Милевски а самостојно учество најавува и Самка Ибраимовски како кандидат на партијата со која раководи.

За очекување е и кандидатура на вонпарламентарната Глас за Македонија на поранешната пратеничка Солза Грчева.

Согласно најавите на Џафери, првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 21 април, а вториот две недели подоцна, на 5 мај.