Македонија
14. јуни 2019 - 16:13

Остри реакции за инцидентот во Прилеп, ФФМ го осуди бркањето на Алиоски од ресторан

По инцидентот кој вчера настана помеѓу персоналот во прилепскиот угостителски објект „Ла Страда“ и македонскиот фудбалски репрезентативец Езџан Алиоски, кога според неговите изјави бил избркан од таму бидејќи со семејството зборувале албански јазик, Алиоски рано утрово револтирано ја напуштил Македонија и заминал за Берн во Швајцарија каде и живее.

Ова за Сител го изјави неговата мајка која била сведок на инцидентот кога келнерот им рекол да станат од масата бидејќи била резервирана за гости од Кавадарци. Според неа немало никаква резервација туку тие биле избркани бидејќи зборувале албански јазик.

„Келнерот дојде рече и дека немало место, се било резервирано за гости од Кавадарци. А син ми му вука зошто пред да порачаме така не ни кажавте туку сега откако почнавме да зборуваме албански. Бидејќи син ми и роднините стигнаа пред нас во ресторантот и тогаш зборувале германски, а кога стигнавме ние албански“, истакна мајка ми на Алиоски.

Алиоски по инцидентот учествуваше и на еден хуманитарен концерт во центарот на Прилеп каде на родителите од детето за кого беше наменет концертот им подари дрес.

Според Оливер Николоски еден од сопствениците на Ла Страда, кој не сакаше да даде изјав во камера Алиоски со своите роднини и пријатели не бил избркан туку само им било речено дека требало да ја сменат масата бидејќи истата ја резервирале гости од Кавадарци. Тогаш тие револтирано го напуштиле објектот. Според Николоски станува збор за чисто недоразбирање, тие никогаш немале проблем со националност на гостите и немало ниту да имаат.

За овој случај реагираше и ФФМ од каде велат:

„ФФМ најостро го осудува говорот на омраза чија последна жртва е нашиот репрезентативец и фудбалски амбасадор Езџан Алиоски. Ние како федерација и институција која е социјално одговорна и се залага за развој на позитивните вредности во општеството секогаш ќе стоиме на страната на правичниот третман и почитувањето, без оглед на верската, националната припадност, расата или бојата на кожата“, велат од ФФМ.

Случајот го потврдија и од МВР кои велат дека на информативен разговор биле повикани сопствениците и дел од персоналот на објектот.