Османи стравува од црногорско сценарио, опозицијата ќе оди на консултации но став нема да менува
Преку експертски дебати и јавни расправи Владата планира да ги турка уставните измени во годината што е пред нас. Ноември е крајниот датум кој шефот на дипломатијата си го постави како одредница пред која мора да ги внесеме Бугарите во Уставот за да не ни се случи како што рече црногорското сценарио на застој во преговорите. Целта на јавните дебати според него е пред граѓаните да се раздвојат државните од партиските интереси.
И додека власта бара пратеници кои ќе го сменат Уставот, опозицијата во истата трка бара гласови за распуштање на собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ веќе најавија дека разговараат со пратеници на СДСМ и ДУИ кои се подготвени да стават крај на владеењето на Ковачевски. За дебатите на Османи уште не добиле покана. Ако ги викнат, велат дека ќе одат за да кажат дека промена на Уставот нема да има и дека единствено решение се предвремени избори.
„Дури и мнозинството во СДС, членови, министри и дел од пратениците заговараат избори бидејќи не гледаат излез од ќорсокакот во кој раководството на СДС, Ковачевски и Зечевиќ, ја втурнаа државата. Додека сите очекуваат избори, Ковачевски не сака избори, за да продолжат тендерите и бизнисите на фирмите на неговиот кум, бизнисите на неговото најтесно семејство“ – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ социјалистите воопшто не сакаат ниту да учествуваат на дебатите на Османи. Целата иницијатива ја сметаат за несериозна и неодговорна. И тие излезот го гледаат во предвремени избори.
„Ниту една политичка партија застапена со пратеници во Собранието на Република Македонија нема мандат за било какви уставни измени, особено не партиите од власта кои немаат ниту легитимитет во инсистирањето за уставните измени.“ – се вели во соопштението на СПМ.
Во СДСМ пак сметаат дека опозицијата се исплашила од полните сали пред кои Ковачевски држеше говори на партиските митинзи во изминатите неколку недели. Според нив, избори нема да има бидејќи државата има други приоритети.
Со ниту една лага, деструкција и манипулација ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да ја загрози европската иднина на државата.
Предвремени избори нема да има. Пред СДСМ се цели и задачи кои сме презеле обврска да ги реализираме до редовниот термин за избори – велат од СДСМ.
Очекувано, против избори е и Алтернатива. Тие се подготвени да гласаат за промена на Уставот но и за официјализирање на албанскиот јазик.
Алтернaтивa е посветена, покрај исполнувањето на обврската за признавање на бугарското малцинство и замена на дефиницијата „јазик што го зборуваат повеќе од 20% од населението“ со „албански јазик“, во овој процес да се направи и важен чекор во борбата против политичката корупција – се вели во соопштението на Алтернатива.
Меѓу останатите политички актери, Левица е тврда на ставот против уставни измени, БЕСА тактизира со барање за избори а Алијанса е на средина, подготвена да гласа и за промена на уставот и за нови избори
Опозицискиот лидер побара избори во мај како последна можност пред редовните избори наредната година.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар