Македонија
28. July 2017 - 16:33

Османи: Локалните избори тест за владата

Владата ќе забрани да се користат државните возила, мобилните, службените канцеларии на општините во текот на предизборието како една од мерките за спречување на користењето на државните ресурси за време на локалните избори. Таа ќе може да го разреши и директорот на МРТВ доколку ОБСЕ/ОДИХР во извештајот за избор на градоначалници и локални совети оцени дека јавниот сервис не известувал избалансирано. Ова се две од 11те мерки кои ги предвидува 3-6-9 планот во делот на реформи за изборите, а кои беа најавени од вицепремиерот за европски прашања.

Според Османи локалните избори ќе бидат првиот тест за тоа дали новата влада на Зоран Заев е различна и успеала да го врати демократскиот амбиент на државата.

- Локалните избори кои доаѓаат се почеток на нова етапа. Демократско остварување на правото на гласот и фер политичка конкуренција се основен предуслов за враќање на вистинскиот пат и се предуслов за евоатланските интеграции на земјата. Важно е да успееме процесот на евроинтеграции да го издвоиме од дневната политика и ја повикувам опозицијата да биде дел од овој процес .

Тој најави и заедничка Декларација со ЗЕЛС со која ќе се охрабрат службениците од локалната власта да ги пријавуваат притисоците што доаѓаат од нивни раководители за време на изборите. За оние раководители кои ќе вршат притисок ќе следи суспензија. Владата  ќе треба да најде и соодветни простории за Државната изборна комисија. ДИК пак, ќе има најмногу обврски во делот со ажурирањето и прочистување на Избирачкиот список.

Сепак, ни Чичаковски ни министерот за внатрешни работи не открија колку неправилности или пак, фантоми-гласачи прочистиле од предвремените парламентарни избори , па се до сега.

Османи, Спасовски и Чичаковски денеска учествуваа на отворена трибина со претставници од МОСТ, Цивил, како и од Комсијата за спречување на корупцијата. Помош за мерките од 3-6-9 планот кои се однесуваат на изборите најавиле и амбасадорите во земјава.