Македонија
19. October 2020 - 16:40

Османи бара поддршка за преговори, нови провокации од Софија

Словенија со целосна поддршка за Македонија да ги стартува преговорите со Европската Унија. По средбата со Османи во Љубљана, словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар вели дека одржувањето на првата меѓувладина конференција е единствениот логичен исход за да се вреднуваат сите реформски напори на Македонија и конструктивната политика во односите со соседите.

Министерот Османи пак вели очекувањата Македонија да ги стартува преговорите за време на германското претседавање се високи, но реални, со оглед на спроведените рефори и напорите да се постигне договор со Бугарија.

„Да бидам искрен, нашите очекувања се високи. Сметам дека со право и ние, и граѓаните очекуваме финализација на преговарачката рамка и одржување на Меѓувладината конференција за време на Германското претседателство со ЕУ, со што и формално ќе ги започнеме пристапните преговори за членство со Унијата до крајот на оваа година. Ние сме свесни дека за оваа одлука, како и за многу наредни, ќе треба постојано да ја имаме поддршка од сите нашите пријатели внатре во ЕУ, вклучувајќи ги тука и нашите соседи Грција и Бугарија. Верувам дека по примерот и на другите земји кои пристапија во Унијата во последните две децении, како што е впрочем и Словенија, со позитивен пристап и отвореност ќе ги надминеме предизвиците и со нашите пријатели од Бугарија, и нема да дозволиме да биде загрозена европската перспектива на регионот.“ истакна Османи.

Во меѓувреме не запираат ниту провокациите од Софија. Поранешниот амбасадор на Бугарија во земјава Александар Јорданов преку социјалните мрежи порачува дека македонската нација и македонскиот литературен јазик од научна гледна точка се југозападна писмено-регионална норма на бугарскиот јазик.

„РС Македонија преживеа, зашто семката ѝ е бугарска. Денешните бугарски политичари кои го впериле погледот кон иднината не треба да го забораваат минатото. Зашто нема иднина без минато и зашто „заедничката историја“ создава само еден заеднички народ.

Денешните Македонци постепено ќе ја научат таа вистина. Инаку, за нив нема да има Европска Унија. Ако го стореа тоа порано немаше да мораат да го менуваат името на својата држава“ пишува Јорданов на facebook.

По неуспешниот дводневен состанок на комисјата за историски прашања, сосема извесно е дека нов обид за приближување на ставовите ќе се чека од средбата Заев Борисов која на почетокот на ноември ќе се одржи во Софија, во рамки на заедничкото претседавање на двете земји со Берлинкиот процес.