Македонија
11. October 2022 - 19:57

Оризопроизводителите на протест: Произведуваат поскапо отколку што продаваат

Оризопроизводителите повторно излегоа на протест и со земјоделска механизација го блокираа регионалниот пат Штип-Кочани. Институтот за земјоделие при УКИМ и ресорното министерство пред не полн месец утврдија дека производната цена за килограм арпа е 27 денари, а небиениот ориз и понатаму се откупува за 22 до 25 денари.

  • Ние фактички свесно по 50 евра по единица декар сме во загуба -изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од с.Облешево.

Тоа ги демотивира оризопроизводителите да ја соберат годинашната реколта.

  • Во минатите години во овој период имаше прибирање на 50 % од реколтата, додека денес може да заклучиме дека од 5 до 10 % е прибран родот, што само по себе укажува на незаинтересираноста, на разочараноста на земјоделците. Инертниот однос на министерството и на сите надлежни субјекти е недозволив во вакви услови и треба час поскоро да се изнајде решение кое ќе ги задоволи потребите и интересите на земјоделците доколку сакаме и понатаму оризот да опстојува на овие простори- изјави Ставре Јанев, оризопроизводител од с.Грдовци.

Со актуелната цена на нафтата и покачени репроматеријали за 300%, оризопроизводството се претвора во нерентабилна дејност.

  • Ќе мора да ги напуштиме површините и да бараме спас во некоја друга дејност- изјави Стојче Ташовски, оризопроизводител од с.Облешево.

Нелогично е, велат оризарите, во Италија на берза да се продава по 2800 евра за тон бел ориз или 172 денари за килограм, што досега е највисока цена, а во Македонија да имаме историски најниски откупни цени.

  • Непосредните производтели се доведени во ситуација да не можат да опстојат-додаде Јанев.

Земјоделците се заканија дека нема да престанат да протестираат, се додека не бидат исполнети нивните барања.