Организиран систем за осигурување на земјоделските посеви за поголеми заштеди
Преку организиран систем за осигурување земјоделски површини државата ќе се обиде да ги намали трошоците за обештетување. Иако се субвенционираат полиси за осигурување на посевите од временски непогоди, сè уште е мал бројот на земјоделци кои ја користат таа можност. За обештетување од невреме државата годишно во просек исплаќа по околу 3,5 милиони евра.
“Нормално дека ова ќе биде дополнително олеснување за земјоделците. Од друга страна ќе биде дополнително олеснување и за буџетот на државата бидејќи ние веќе и плаќаме штети и плаќаме субвенции во осигурувањето. Нормално дека тука ќе има дополнителни стимулации за да може да ги осигуруваат нивните земјоделски површини”, рече Арјанит Хоџа, министер за земјоделство.
Освен осигурувањето на посевите, континуиран проблем претставува и откупот на тутун. Веќе стапија во сила законските измени и уште денеска може да продолжи откупот на преостанатите 1.500 тони тутун.
“Дневната динамика на откупот е околу 400 до 500 тони и поради тоа верувам дека за три дена може да се откупи вишокот”, рече министерот за земјоделство Арјанит Хоџа.
Сепак, доколку не се откупи целиот тутун, властите ќе интервенираат со дополнителни законски измени, со цел да им се овозможи на производителите да го извезат тутунот.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
