Oрганизиран превоз во општините за ученици
Нереални и скапи цени, падни – стани тендери, одолговлекување на постапките со жалби, сомневања за корупцијa, ученици без превоз кои пропуштаат настава, ова се само дел од предизвиците на општините кои немаат сопствен превоз на ученици па мора да користат други оператори.
Кавадарци е една од ретките општини која целокупниот превоз на ученици го врши сама. Со градскиот превоз се возат ученици и од соседните општини. Општината штеди пари, заштедата се реинвестира во нови проекти, нема тендери, договори и целиот процес полесно се менаџира.
„Заштедата е една работа. Друг сегмент е што многу е полесно и на училиштата да се организираат бидејќи возат само со еден превозник, значи имаме комплетна логистика и поддршка, заедно ги решаваме сите работи во од. Имавме набавка на 4 нови автобуси, потоа имавме набавка на уште 3 нови автобуси, значи парите што фактички ги земаме од превозот на учениците ние ги вложуваме пак во самото јавно претпријатие“, додаде Александар Ѓорѓиев, директор на ЈП Градски превоз - Кавадарци.
Општина Битола пак годишно за превоз на ученици дава 70 милиони денари. 55 милиони се пари од МОН, а 15 милиони од Општината. Од пред 2 години е формирано и ЈП „Пела линк“ за меѓуопштински превоз на ученици помеѓу општините Битола, Новаци и Могила. Но за комплетно самостоен превоз на ученици потребни биле повеќе пари и набавка на нови автобуси.
„Со тоа би добиле можеби поголема ефикасност во дел од тоа, поголема контрола на реализацијата на услугите во делот на време, како тие линии се движат, но тоа е скапа инвестиција комплетно да се покрие тој превоз со сопствени средства, со оглед на тоа дека сме прилично голема територија“, истакна Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.
Од Општина Новаци пак велат дека со ЈП „Пела линк“ за прв пат се вовел превоз до места со помалку жители каде приватните превозници не сакале да возат поради немање на доволно пари, а со тоа се стопирала и миграцијата.
„Се надевам дека во иднина ова претпријатие ќе прерасне во сериозно претпријатие за превоз на патници и со тоа не би имале потреба од ангажирање на други претпријатија. Но за тоа да го направиме потребни се сериозни вложувања како од Општината, така од државата за да може ваквиот тип на организирање на претпријатијата за превоз на патници во иднина да прерасне во нешто посериозно“, потенцираше Стевче Стеваноски, градоначалник на општина Новаци.
Други помали општини како Крушево пак немаат пари за формирање на Јавно превозно претпријатие, а Општината како институција законски не смее да превезува патници. Барат законски измени.
„Министерството за транспорт и врски над 9 седишта на патничко возило или комби дава лиценца и извод на лиценца. Извод на лиценца и лиценца се дава само на претпријатија, односно трговско друштво, дооел и слично, не може да се издаде на Општина. Би се заштедиле огромен број на средства, затоа што имаме доволен број на вработени и доколку би се ангажирале еден до двајца возачи, посебно во помалите места, ќе имаме доволно за да ги пренамениме средствата за други потреби, за греење, струја итн“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Доколку Општините сами организираат превоз на ученици ќе заштедат многу пари, но за да успее ова потребна е поддршка и пред се желба од државата и да се смени досегашниот систем.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар