Македонија
19. December 2017 - 16:37

Орден „Свети Никола“ за првиот претседател на Р. Македонија - Киро Глигоров

Орденот Св. Никола, кој се доделува во чест на патрониот празник на градот Штип годинава постхумно му припадна на првиот претседател на независна Р. Македонија, Киро Глигоров. Наградата ја прими неговата ќерка Донка Глигорова.

- Татко ми отсекогаш и на прво место бил штипјанец. Таа негова припадност ја има пренесено на сите нас, како негови наследници. Посебно ми е драго што ова признание доаѓа во годинава што изминува, а во која се наврши 100 години од неговото раѓање, што има уште една симболика плус-изјави Донка Глигорова, ќерка на Киро Глигоров

По повод празникот денес во соборниот храм се одржа свечена богослужба со која чиноначалствуваше архиепископот на МПЦ ОА, г.г. Стефан,  а свеченоста продолжи со литија низ централното градско подрачје.

- За прв пат во нашиот свет храм, Соборен, каде што е катедрата на Брегалничката епархија, оваа година ги добивме моштите на Св. Никола и мавте можност да се поклоните пред нив, пред овој голем чудотворец, на овој голем свет Божји угодник, на овој голем светилник и молитвеник пред престолот Божји-изјави г. Иларион, митрополит на Брегалничката епархија

Митрополитите Агатангел и Иларион на  градскиот плоштад пред многубројните верници го осветија славскиот колач.