Македонија
2. May 2020 - 16:38

Општинскиот грб на местото на сонцето од Кутлеш ќе се постави во Крива Паланка

Со брусилици вчера  се отстрануваше Сонцето од Вергина од плоштадот во Крива Паланка. Градоначалникот Мицевски  објаснува  дека работниците биле  ангажирани токму  за Први мај затоа што тогаш е најмала фреквенцијата на граганите  во центарот .

Првиот човек на Крива Паланка  вели дека акцијата се спроведува  согласно одлуките на Владата и одредбите на Преспанскиот договор, со кои се бара отстранување на симболот на поранешното национално знаме од сите јавни места и јавни употреби на територијата на Македонија.

Во одбрана на Ѕвездата застана екс градоначалникот Арсенчо Алексовски во чиј мандат беше поставен симболот. Тој го обвини својот наследник дека се поигрува со националните чувства ма своите сограгани.

-Кога го градевме плоштадот “Карпошово востание” го градевме и се гордеевме со тоа. Се гордеевме како паланчани не како членови на политички партии. Сега на нaјподмолен начин во време на полициски час го откорнувaш сонцето на вергина од градскиот плоштад и тоа онака, подaнички и прeдавнички баш како што ти личи. Си го покажувате правото лице. Тој симбол меѓу другото беше и првото државно знаме на повеќепартиска Република Македонија, напиша Алексовски на Фејсбук.

Вергината не ја дава ни градоначалникот  на Куманово Димитриевски. Тој на својот фб профил  застана во одбрана на симболот од Кутлеш, со порака дека со  Вергината го врзуваат  спомени од деновите на служењето на  воениот рок и нема намера да  ја  брише.

-Се можеме да срушиме и повторно да изградиме но по историјата и идентитетот не смееме да си чепкаме, тоа е наше и на сите кои живееле, живеат и ќе живееме заедно.

Вергината била и ќе биде дел од таа историја и истата со брусалица не се брише, таа или ја имаш заедно со останатите чувства во себе или пак никогаш не била во тебе, напиша кумановскиот градоначалник на социјалната мрежа.