Македонија
26. January 2024 - 12:31

Општина Штип обезбеди бесплатни униформи за над 2200 ученици

Бесплатни училишни униформи за 2.200 ученици од прво до петто одделение, кои ја следат редовната настава во сите основни училишта во општината, обезбеди штипската локална самоуправа. Униформите ќе се дистрибуираат до секој ученик во одделенска настава во текот на следната недела.

-Целта на овој проект е да се намали сегрегацијата меѓу учениците во образовнието и се разбира да се обезбеди еднаков пристап за сите ученици во образовниот процес, изјави Вишна Шорова- Ангелова, секретар на општина Штип

Униформите се изработени од високо квалитетни бои и материјали, а дизајнирани од професор на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

-Униформите се комплети, односно содржат маица на кратки ракави и трансформирачки дуксер, којшто е соодветен да се носи во текот на три годишни времиња, додаде Шорова- Ангелова

За реализација на проектот од општинскиот буџет се издвоени 4,5 милиони денари, а во наредниот период ќе се направат пресметки и за учениците од повисоките одделенија во основните училишта, да добијат вакви бесплатни училишни униформи. Доколку родителите од практични причини побараат резервни парчина облека или цел комплет, вкупниот износ нема да надмине 1500 денари.