Македонија
7. јуни 2017 - 14:36

Општина Штип инвестирала 70 милиони денари

Општина Штип за првите пет месеци од годинава завршила вкупно 36 постапки, а девет се во тек. Александра Ангеловска од Одделението за јавни набавки при Општина Штип на денешната прес-конференција информираше дека врз основа на ова, од буџетот на Општината се потрошени 59,6 милиони денари без вклучен ДДВ, односно 70,3 милиони денари со ДДВ.

- За капитални проекти инвестирани се 53,4 милиони денари, без вклучен ДДВ, или 63 милиони денари со ДДВ. Тука доминираат тендерски постапки за асфалтирање на улици низ градот и селата. За тековно одржување потрошени се 6.1 милион денари (без ДДВ) и тука влегуваат јавни набавки, како што се за дезинсекција и дератизација, рушење на бесправно изградени објекти, надзор и проектирање, како и стоки и услуги потребни за редовно функционирање на општинската администрација. Најголем по вредност тендерска постапка е изградбата на обиколницата или патната врска помеѓу улиците „Гоце Делчев“ и „Партизанска“ во вредност од 36,5 милиони денари (без ДДВ). Најмал по вредност е тендерот за технички преглед на возила во вредност од 28.229 денари без ДДВ, вели Ангеловска.

Тековен проект, како што додаде таа, е изградба на еден километар локален пат од селото Шашаварлија до селото Кошево со проценета вредност од 3,3 милиони денари, а во зависност од расположивите средства и остварените приливи Општината ќе ја реализира програмата за изградба и одржување на локални патишта. Исто така во тек се и други тековни тендери како што се набавка на екстра лесно масло, моторни бензини, превоз на ученици во средното образование.

Општина Штип неколку години наназад објавува извештаи за реализирани тендерски постапки со цел граѓаните да имаат увид каде се трошат нивните пари. Извештајот се објавува и на веб страницата на Општина Штип.