Општина Ресен најави дезинфекција по поплавите во Царев Двор и Дрмени

По поплавите што ги зафатија преспанските села Царев Двор и Дрмени, Општина Ресен најави дека утре, доколку времето се стабилизира, ќе започне дезинфекција на улиците и јавните површини со хлор, со цел спречување на здравствени ризици.
Како што изјави за МИА градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, намерата е преку дезинфекција да се отстранат потенцијалните проблеми.
-Денеска продолжуваме со интензивно собирање, чистење и отстранување на ѓубрето кое се насобра на различни делови носено од надојдените води. Утре ако времето се стабилизира, улиците и други површини во селата Царев Двор и Дрмени ќе ги миеме со хлор, а преземаме и други заштитни мерки важни за здравјето на луѓето на повеќе населени места во Преспа, нагласи Тозиевски.
Излевањето на Источна Река и Болнска Река поплави куќи, дворови, магацински простори и други површини, а најмногу во преспанските села Царев Двор и Дрмени.
Во расчистување на теренот голема е поддршката на локалното население, а вклучени се и екипи на јавните претпријатија „Пролетер“ и „Македонија пат“ кои испумпуваат вода, чистат и интервенираат секаде каде што е потребно.
-Акцијата е во тек, всушност таа воопшто не застана, а паралелно ќе разговараме со претставници на националните институции за формата на обесштетување на населението кое претрпува големи штети од невремето што ја зафати Преспа, и посебно селата Царев Двор и Дрмени, изјави тој.
Од Општина Ресен апелираат граѓаните да ги почитуваат сите препорачни мерки за начинот на употреба на вода за пиење како и користење на безбедна храна за луѓето, но и за домашните миленици и животни.
МИА
Ново на Сител
-

Силјановска Давкова на средба со Јотова во среда во Софија
-

Тема на денот со Оливер Миланов, директор на Агенција за храна и ветеринарство
-

Од полноќ нови цени на горивата, Мицкоски најави поевтинување на струјата од нова година
-

Статистиката измери инфлација од 4,8% во мај
-

Партиски препукувања околу европската иднина на Македонија
-

Законот за правична застапеност во среда пред пратениците
-

„Пулс“ надвор од системот, ниту еден редовен ниту вонреден надзор на ДЗС
-

Во тек е постапка за вработување на пет инспектори во Инспекторат за употребата на Законот за македонски јазик
