Македонија
23. јуни 2016 - 15:37

Општина Новаци почна со деминирање на патеката кај Нешева тумба

Општина Новаци со финасиска поддршка од ЕУ фондовите почна со деминирање на патеката Нешева тумба, Лаките која се наоѓа во реонот на Кајмакчалан.

Активноста се очекува да заврши до крајот на овој месец или почетокот на јули со што ќе се овозможи обележување на нова туристичка патека во Мариово, најави градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски.

- На територијата на општина Новаци има многу неексплодирани убојни средства од Балканските војни и Прва светска војна, особено на оваа локација кај Кајмакчалан каде била линијата на т.н Солунски фронт. Во моментот се врши детектирање и нивно отстранување од теренот, а потоа и уништување или депонирање во просториите на Дирекцијата за заштита и спасување, истакна Котевски.

Патеката Нешева тумба - лаките се наоѓа на југо-исток на 53 километри од Новаци на надморска висина од 1.100 метри во должина од 3.200 метри и ширина од 10 метри или вкупна површина од 32.000 метри квадратни.

- Досега се најдени околу дваесеттина неексплодирани убојни средства и тоа најчесто артилериски гранати, рачни и авио бомби со голема експлозивност и убиственост и бидејќи претставуваат закана треба да се отстранат. Посебно голема опасност претставуваат при појава на шумски пожари, па заради нивното експлодирање од топлината се оневозможува активирање на човечкиот фактор при гаснење, нагласи деминерот Горѓи Стефановски.

Со деминирањето на патеките општина Новаци воедно се подготвува да ја реализира програмата за развој на меморијален туризам, потврдија од локалната самоуправа.