Македонија
24. September 2018 - 13:23

Општина Крива Паланка се приклучува во „Европска недела на спортот“

Општина Крива Паланка ќе биде дел од петнаесетте општини во Македонија кои се вклучија во проектот „Европска недела на спортот“.

Со активности во фудбал за момчиња и кошаркарски натпревари во женска конкуренција помеѓу ученици од основните училишта „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“ оопштината ќе даде придонес во одбележувањето на неделата на спортот.

Натпреварите ќе се одржат во училишната спортска сала на ООУ „Илинден“, Крива Паланка на 27 септември 2018 година, а од локалната самоуправа на општината ги повикаа сите граѓани да им дадат поддршка на младиет спортисти.

Агенцијата за млади и спорт е носител на проектот на Европската комисија „Европска недела на спортот“ која се одржува на територија на цела Европа од 23 до 30 септември, а во Македонија се реализира под мотото ,  #MyWeek #BeActive.

- Воведувањето на овој проект во Република Македонија на локално ниво ќе ни овозможи квалитетни активности кои создаваат вредност и одржливи резултати кои ќе ја продолжат #BeActive пораката во земјата. Ги покануваме сите љубители на спортот и физичката активност да бидат дел од овој настан со што ќе покажат дека се  грижат за себе и своите најблиски, а пред се за  своето здравје, истакнаа од локалната самоуправа на Крива Паланка.

Целта на проектот е спорт за сите возрасни категории, на сите места, во секакви услови, а крајниот ефект е остварување на идеите на Европската недела на спортот – придобивките од активностите во текот на спортската недела да имаат траен ефект, односно да останат во навиките на секој поединец во Македонија.