Македонија
20. November 2016 - 14:59

Општина Босилово го чисти сливот на река Струмица

Општина Босилово го чисти сливот на река Струмица кој тече низ нејзиното подрачје. Екипите на комуналното претпријатие работат на отстранување на наносите на потегот од мостот во влезот во Босилово до мостот во село Дабиле.

- Нашиот регион, нашата котлина во минатото беше подложна на поплави од поголеми размери. Имавме доста активности на тој план и ние како локални самоуправи, но и државните институции и министерства, но и меѓународни институции. Во моментов работиме на делот на река Струмица кај мостот во влезот во Босилово. Претходно тука беше извршено молчарење, односно отстранување на вегетацијата. Ова е делница од 2.000 метри, објасни градоначалникот на Босилово, Љупчо Колев.

Според него, молчарење ќе има и од мостот на населеното место Дабиле кон мостот на реката Сушево во должина од 8.800 метри.

- Потоа следува интервенција со молчарење од влезот на мостот на влезот на Босилово до мостот кај Смоларе. Овие активности се координирани меѓу општините и Центарот за управување со кризи и Водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање и Швајцарската агенција за развој, додаде Колев.

Локалните самоуправи од струмичкиот регион, во консултација со Швајцарската агенција за развој работат на посочување и детектирање на критичните точки кои треба да бидат отстранети за да се намалат ризиците од поплави.