Опозициските партии реагираат - чија е заслугата за изградба на Коридорите 8 и 10?
Изградбата на коридорите 8 и 10 го носи печатот на ДУИ, за СДСМ пак тие се најзаслужни за поставување на темелите на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на независна Македонија- двете најголеми опозициски партии денеска со реакции откако вчера премиерот направи увид и ги пофали градежните активности на делницата Гостивар-Букојчани.
Од ДУИ задоволни што изградбата на коридорите 8 и 10 продолжува и покрај тоа како што велат, е реализирана од Влада без етнички легитимитет.
Не можеме да не истакнеме дека тие што до вчера жестоко се спротивставуваа на овој проект и се закануваа со негово поништување, денес го нарекуваат историски проект. Оваа промена во ставовите ја потврдува вредноста што Коридорот 8 ја претставува за развојот на Северна Македонија и за подобрување на нејзините врски со регионот и Европа“
Неосновани беа обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на коридорите, реагираат од СДСМ.
Додека владата на СДСМ ги поставуваше темелите на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на независна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ неосновано напаѓаше, критикуваше, обвинуваше, блокираше закони во Собранието се со цел да го забави инфраструктурниот раст на државата. Денеска конечно ја разбраа суштината на она кое со месеци го говориме, брзата изградба на европските коридори е возможна само доколку се работи според модифициран фидик, во фазна градба, со силен изведувач кој на паралелно ќе проектира и ќе гради.
На изјавата на Бочварски, реагираа од владејачката партија- ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било против коридорите.
ВМРО-ДПМНЕ не е против реализирање на проекти. За ВМРО-ДПМНЕ е клучен начинот на реализирање на проектите. ВМРО – ДПМНЕ со домаќинското работење покажа дека всушност коридорите може да се реализираат со намалување на средствата. Со коридорите Македонија ќе има значајна улога во транспортната и енергетската инфраструктура на европската мапа.
Вчера премиерот заедно со министри и директори, американската амбасадорка Агелер и претставници од Бехтел и Енка беа на терен каде се гради автопатската делница Гостивар-Букојчани. Очекувањата на македонските власти се дека кога ќе заврши изградбата на оваа делница која е дел од проектот за изградба на коридорите 8 и 10, од Скопје до Охрид ќе се пристигнува за час и половина. Проектот опфаќа четири автопатски делници кои треба да бидат готови за 4 години и 7 месеци од сега.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар