Македонија
14. September 2020 - 17:03

Опозицијата утре на протест за Гоце Делчев

Утре попладне ВМРО-ДПМНЕ повторно излегува на улица. Од партијата велат дека застануваат јасно против трговијата која според нив ја прави власта со македонскиот идентитет и достоинство преговарајќи за ликот и делото на Гоце Делчев.

„Се работи за мошне чувствителен период и тоа време кога и им треба нашата поддршка на нашите историчари кои се дел од тимовите за преговори за да ја бранат вистината за Гоце и да не потклекнуваат на трговии и политички притисоци.

Затоа, ВМРО ДПМНЕ организира во вторник со почеток во 18:30 часот Протестен собир кој ќе започне од пред Министерството за правда, ќе продолжи преку мостот „Гоце Делчев“ се до зградата на Министерството за надворешни работи. Протест на кој ќе изразиме поддршка за членството во ЕУ, за Македонија и за Гоце Делчев кој е нашето постоење и нашиот идентитет. Делчев се борел за народна слобода и пред се културен и сестран развој што е и основа на европските вредности кон кои ние сите се стремиме. Делчев е ликот кој треба да не обединува, а не да не разединува“ – вели Мисајловски.

Тој рече дека протестот ќе биде мирен иако како што рече, власта се обидува да креира тензии.
„Предочуваме дека имаме сознанија за уфрлање на поединци кои се инструирани од власта, кои ќе имаат за цел да го дискредитираат протестот со елементи на говор на омраза и изразување на ставови кои не се дел на партијата, за да подоцна се дискредитира ВМРО ДПМНЕ. Однапред се оградуваме од таквите инструирани сценарија кои само им одат во прилог на структурите на власта кои ја држат државата заробена и не посакуваат напредок“ – рече Мисјаловски.

Ова е трет во низата протестни собири кои ги најави опозицијата. Првите два се одржаа минатата недела а повод за нив беше зголемувањето на цената на струјата.