Македонија
5. May 2021 - 16:48

Опозицијата пресмета 4 милиони долари провизија кои власта ги планирала од набавката на вакцини, Министерството демантира

Власта уплатила речиси 8 милиони долари на фантом фирма од Хонг Конг, за набавка на кинески вакцини против Ковид-19, речиси двојно поскапи од набавната цена, тврдат од ВМРО ДПМНЕ. На новинарски брифинг од најголемата опозициска партија покажаа и документ на кој се гледа името на фирмата посредник за вакцините, како и сумата за колку пари требало да бидат купени вакцините. И пратеникот Антонио Милошоски во изјава за медиумите ја пласираше истата информација.

- За жал тоа е резултат на слабиот менаџмент на министерството за здравство и она што пред неколку дека го добивме како информација сер потврдува дека додека другите соседни земји трчаа по вакцини, министерот за здравство и премиерот трчаа по провизии и документот кој го поседува ВМРО-ДПМНЕ дека министерството за здравство иако негираше сепак уплатиле речиси 8 милиони долари на фантом фирмата во Хонк Конг  која што требало вакцините да ги продаде на Македонија за двојно повисока цена од цената за која ќе ги набави, изјави Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.

Министерството за здравство ги отфрла сите обвинувања. Од таму тврдат дека ова е уште еден безуспешен обид на Мицкоски да го компромитира процесот за набавка на вакцини.

-Министерството за здравство уште од самиот почеток за време на водење на преговорите, набавката и текот на испорака на вакцините, транспаренто ги информира граѓаните за целиот процес. За законитоста на целиот процес, говори самиот факт што договорите, како и плаќањата на сите набавени вакцини поминуваат на затворена седница на Влада. Ова доволно кажува колку процесот за купување вакцини е законски, без никакви недоследности или пак провизии кои ги измислува ВМРО ДПМНЕ, се вели во реакцијата од МЗ.