Македонија
16. August 2021 - 16:53

Опозицијата објави дел од кандидатите за градоначалници

ВМРО-ДПМНЕ објави 26 имиња кои ќе истрчаат на локалните избори во октомври. Но за скопските општини соопшти само тројца кандидати. Наташа Котлар за Центар, Орце Георгиевски за Кисела Вода и Бобан Стевковски за Гази Баба.

Од тројцата актуелни градоначалници во околината на главниот град, двајца добија уште една шанса.  Стевче Трпков за Сопиште и Борче Митевски за Петровец. Долгогодишниот градоначалник на Илинден, Жика Стојановски сега е сменет со Александар Ѓоргиевски.

Опозициската партија се уште не го објави својот кандидат за Град Скопје, а оттаму не ги коментираат шпекулациите за претседателката на ССК, Данела Арсовска.

-Процедурата трае во моментот во рамки на партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ, но исто така и во едни пошироки консултации и нашето видување е дека до крајот на месец август ќе излеземе со кандидат за градоначалник на Град Скопје. Во однос на Скопје не би сакал да одам со шпекулации зашто постапката е на средина, рече генералниот секретар на партијата, Александар Николовски.

Марко Колев ќе се кандидира за градоначалник на Велес, актуелниот пратеник, Иван Јорданов за Штип, Борче Јовчески за Прилеп, Тони Узунов – Валандово, Андон Сарамандов – Гевгелија, Горан Стојанов – Неготино, Андон Донев – Демир Капија, Александар Ристови – Радовиш. Главен фокус на презентацијата на Николовски беа кандидатите од 4-тата изборна единица.

Иако од партијата официјално не сакаат да ги коментираат кандидатите за општините кои не се објавени, според информации на Сител Јован Карчовски е најсериозен претендент за Аеродром.

Николовски вели дека станува збор за кандидати од новата генерација на политичари кои се познати во местата кадешто се родени и кои ќе работат за доброто на граѓаните.

Од владејачката СДСМ, пак, реагираат дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ се уште нема кандидат за Скопје и што за Центар поддржува кандидат од мал коалициски партнер покажува дека партијата нема доверба кај граѓаните. Според портпаролката Кузеска, Мицкоски знае оти ќе ги загуби изборите, па понудата за кандидати доаѓа од немај-каде.

-Како едвај да нашол кандидати коишто ќе претрпат пораз па затоа огромно мнозинство од кандидатите се непознати. Нема ништо ново на понудата на Мицкоски, не само што не се нови, туку огромен дел од нив се од времето на Груевски, кои или биле кандидати за советници, или имале државни функции на локално и на централно ниво, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од опозициската партија велат дека сите кандидати ќе бидат познати кон крајот на месецот со оглед на тоа што се уште траат процедурите за нивен избор. Најголем дел од кандидатите се мажи, но Николовски вели дека за родовата застапеност се запазува кај советничките листи.