Македонија
2. October 2020 - 16:36

Опозицијата не дозволува отстапки, власта оди на преговори во Софија

Свети Кирил и Методиј се словениски просветители и за тоа не смее да има каква било дискусија сметаат од опозицискатата ВМРО-ДПМНЕ по последната одлука во бугарскиот парламент. Од опозицијата велат дека потегот на Софија е резултат на тоа што се нема национален конзензус за идентитетските прашања.

Од опозициската партија не коментираат дали и македонскиот парламент треба да постапи реципроцитетно, но за претходните провокации на Бугарија како резолуцијата за македонските ЕУ интеграции донесена во парламентот и меморандумот испратен до ЕУ членките од пратеникот Антонио Милошоски побара ставови да заземе и нашето Собрание.

Од друга страна од власта, најавуваат средби на високо политичко ниво меѓу Скопје и Софија за надминување на проблемите. Премиерот Зоран Заев се воздржува од коментари за изјавите на бугарските министри.

Шефот на дипломатијата Османи најави дека ќе се интензивираат контактите меѓу двете влади. Тој наредната недела оди во посета на својата колешка Захариева. Заев пак, најави дека и тој до крајот на месецот или почеток на наредниот ќе патува во Софија на средба со бугарскиот премиер Борисов. Целта е да се убеди официјална Софија да се откаже од најавената блокада на првата меѓувладина конференција со ЕУ.