Македонија
3. April 2021 - 16:51

Опозицијата ќе признае само пописни резултати кои се според Евростат

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од пописот ако тој не се спроведе по правилата на „ЕУРОСТАТ“. Партијата бара дијаспората да не се смета во вкупното население на државата, бидејќи како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е спротивно на  европската методологијата .

„Ние остануваме на ставот дека резидентното населени треба да се попишува, а не резидентното  може само да се евидентира. Се знае точно што значи што е некој надвор од државата 12 месеци, се знае што точно значи одјавена адреса и токму поради тоа  доколку пописот во Република Македонија се спроведува со методологија која што не е од прирачникот на ЕУРОСТАТ која што јасно утврдува методологија како треба да се изврши попис, ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од пописот“, вели Бојан Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ.

За премиерот Заев, пописот бил во согласност со стандардите на „ЕУРОСТАТ“. Вели дека со лидерот на опозицијата разговарале за методологијата ама за технички аспекти. Разгледувале дали веќе избраните попишувачи ќе останат и за пописот во септември.

„Не може да остане гаранцијата дека ќе останат како попишувачи бидејќи согласно критериумите требаше првин да бидат невработени, а сега во овој период може да се вработат. Се работи за технички аспекти затоа што недозволиво е да влеземе во суштината и структурата на методологијата затоа што таа е потврдена до „ЕВРОСТАТ“, а впрочем и господинот Мицкоски побара таквите технички аспекти да бидат решени“, вели Зоран Заев, Премиер.