Македонија
24. July 2022 - 16:58

Опозицијата ги почна консултациите за референдумско изјаснување

Почнаа консултациите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со експертската јавност во врска со деталите околу најавениот референдум. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски не отстапува од идејата граѓаните преку референдум да го искажат своето мислење за преговарачката рамка со Бугарија и за тоа дали треба да се отвори Уставот за да се внесат Бугарите во него.

За Мицкоски е нејасно зошто некои опозициски партии за одредени клучни прашања ја поддржуваат власта. Се сомнева дека се работи за скриени коалиционери.

„Има една чудна состојба, а тоа е противници на ваквото референдумско изјаснување на граѓаните е власта и оние инсталации на власта во опозицијата. Тоа е една чудна ситуација која ги обединува тие инсталации на власта во опозицијата и самата власт. Но откако го поддржаа оној лист хартија во Собранието имам дилема дали се воопшто во опозиција или се резервна варијанта или базен за пратеници на власта. Тука веќе имам јас дилема каде тие припаѓаат. За да се идентификуваат себеси како опозиција треба во јавноста да излезат со ставови со кои ќе ја критикуваат власта“, посочи Мицкоски.

На ова реагираа од владејачката СДСМ, кои сметаат дека лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица се единствените кои сакаат референдум.

„Христијан Мицкоски денеска призна дека тој и Димитар Апасиев се сами и изолирани против ЕУ и немаат поддршка ниту од другите опозициски партии. Причините за проблемите во својата партија, во опозициските редови, Мицкоски многу наивно се обидува да ги префрли кај некој друг, но за тоа треба да си се погледне самиот себе си. Целото свое политичко делување Мицкоски го сведе на ширење лаги, манипулации, на крвави сценарија, обиди за блокада на државата и европската иднина на граѓаните“, пишува во реакцијата од СДСМ.