Македонија
13. January 2021 - 17:16

Опозицијата бара да се објават бугарските барања

На маса се барања кои го негираат македонскиот идентитет, а државниот врв е должен да ги објави. ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш со повик до власта и со предупредување – станува збор за сосема нови услови кои ги нема во Договорот за добрососедство, а кои директно ги засегаат македонските национални атрибути.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ го повика премиерот и првите дипломати да не го кријат од јавноста и од пратениците бугарскиот документ и да престанат да ја лажат јавноста.

“Гледаме дека таков документ постои. Наречето го нон пејпер, роуд мап или патоказ, наречете го анекс, како сакате наречете го. Но фактот е  еден. Станува збор за документ во кој се дефинирани нови услови кои ние треба да ги прифатиме, меѓу кои, она што зачудува е, политичари и меѓувладини комисии дискутираат за бизниси замислете. За железници, за автопатишта, телекомуникации, банки итн. И дополнително, се дискутира за македонскиот национален идентитет”

Свесни лаги кои не престанува да ги шири ВМРО ДПМНЕ. Од владејачката СДСМ уверуваат дека македонските национални обележја не се предмет на преговори.

“Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ точно знаат дека за македонскиот јазик, за македонскиот идентитет, за македонската историја не се преговара, ниту воопшто некогаш ќе се преговара, но тие свесно одлучуваат да ги лажат граѓаните”

Во нов обид да обезбеди институционална дебата и претседателот на собраниското тело за надворешна политика Антонио Милошоски. Во писмо адресирано до дипломатите Османи и Димитров, им порачува да изберат термин што би им одговарал и да излезат пред Комисијата.

„Пратениците, како претставници на граѓаните, имаат право да бидат запознаени со најновиот развој на настаните во македонско-бугарските односи, а вие како претставници на извршната власт имате обврска да се појавите пред пратениците и да доставите информации на нивно барање”, пишува Милошоски во писмото до Османи и до Димитров.

И додека опозицијата обвинува за тајност, единствениот официјален државен став за преговорите засега останува изјавата на специјалниот претставник Бучковски, кој рече дека Владата ќе има прецизен одговор, откако ќе направи детална анализа на бугарскиот документ.